Меркел проговори дали Германија ќе се однесува поинаку кон оние кои се имунизирани: Во моментов нема посебен третман

0

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан и претседателот на институтот Роберт Кох, Лотар Вилер, пред неколку денови истакнаа дека ширењето на новите варијанти на корона вирусот е загрижувачко.

Вилер рече дека бројот на инфекции стагнира на високо ниво. Тоа, смета тој, може да биде пресвртна точка, а причината за тоа е што мутацијата на вирусот, првпат откриена во Велика Британија, масовно се шири.

Според него, учеството на инфекции со новиот сој драстично расте, што уште повеќе ја отежнува борбата против пандемијата.

Вилер апелираше до граѓаните да се откажат од непотребни патувања. – Ако е можно, не треба да патуваме во овој момент. Навистина не мораме да го извезуваме вирусот од нашата земја во други или од други земји во нашата, рече Вилер. Шпан пак, истакна дека вирусот не попушта.

– Уделот на новиот сој кај новите инфекции расте на загрижувачки начин, подвлече Шпан. Затоа, посочува тој, мора да се биде многу внимателен кога се попуштаат рестриктивните мерки.

Планот на канцеларката Ангела Меркел за отворање на економијата протече во германските медиуми, пренесува „Дојче веле“.

На онлајн конференцијата со членовите на конзервативната парламентарна група ЦДУ/ЦСУ, Меркел рече дека отворањето мора да биде внимателно и постепено ако земјата сака да избегне брзо враќање во блокада, пишуваат германските медиуми повикувајќи се на извори кои учествувале на конференцијата.

Германската канцеларка стравува од нагло зголемување на бројот на зарази со коронавирус во случај на пребрзо отворање.

„Не можеме да си дозволиме ненадејни скокови“, им рече таа на учесниците на состанокот.

„Дојче веле“ наведува дека Германија е во блокада барем до 7 март, а пред истекот на тој рок, следната среда, Меркел ќе се состане со премиерите на федералните покраини во обид да се договори за најдобриот начин за излез од затворањето на земјата.

Германската канцеларка им соопшти на своите колеги од ЦДУ/ЦСУ на онлајн конференцијата дека Германија во моментов е во третиот бран на зараза, додека во земјата кружат многу заразни варијанти на корона вирусот.

Меркел тврди дека олеснувањето на ограничувањата треба да оди во три фази. Првата фаза се однесува на попуштање на ограничувањата поврзани со личните контакти помеѓу домаќинствата, по што би следувало попуштањето во областа на образованието и спортот. Третата фаза би вклучувала отворање ресторани и културни институции, пренесува Индекс.хр.

Секое попуштање треба да биде придружено со зголемување на капацитетот за тестирање на коронавирус, пренесува „Дојче веле“. Федералната влада планира да им обезбеди на граѓаните бесплатен пристап до брзи тестови за коронавирусот до првата недела од март.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека во моментов е против посебен третман за луѓето кои веќа се вакцинирани.

„Сè додека бројот на вакцинирани е многу помал од оние што чекаат да се вакцинираат, државата не треба да се однесува поинаку кон двете групи“, изјави Меркел за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Таа посочи дека мора јасно да се потенцира дека вакцинираните лица не го пренесуваат вирусот и додаде дека компаниите можат да воведат посебни правила за вакцинираните лица.

Претходна статијаСека Алексиќ искешира 10 илјадарки, ама сега ужива и тоа по дома
Следна статијаШто би правела јас без татко ми: Ќерката на Чолиќ загрижена за неговото здравје