На стадионите во Шпанија има една непишана традиција според која доколку навивачите на клубот за време на натпреварот помеѓу публиката извадат бели марамчиња, тоа значи дека бараат тренерот или селекторот да си оди. Ова се случува секогаш кога нивниот омилен тим почнува да губи во низа.
Затоа и постои оваа традиција преку која страсните навивачи на еден симболичен начин му порачуваат на тренерот или селекторот да си оди. Да си замине и него да го замени некој друг кој ќе носи победи на нивниот омилен тим.
Ова во никој случај не значи дека навивачите се предаваат или се откажуваат од својот омилен тим, туку напротив, го прават тоа за да престанат да губат и да почнат да победуваат. Затоа што тоа е смислата на спортот. Не да учествуваш, туку да победуваш. Она, важно е да се учествува е обична утеха и изговор за лузерите. Ништо повеќе.
Слично како во фудбалот, така и во политиката постојат многу страсни навивачи кои секогаш се дванаесеттиот играч на стадионот. Гласно го бодрат својот тим, влегуваат во вербални расправии за својот тим, а оние кои се хулигански настроени влегуваат и во физички пресметки за својот тим.
Често и го пцујат сопствениот тим и нивните омилени играчите кога ќе промашат или погрешат, но тоа не значи дека се откажале од својот омилен тим. Членовите и поддржувачите на партиите за време на изборите се однесуваат многу слично како фановите на клубовите за време на натпреварите.
Некои работат активно на терен (во штабовите и преку прес конференции), а други се пасивни набљудувачи кои се радуваат на секој даден гол (гласаат за својата партија на денот на изборите). И без едните и без другите не се може. Важни се сите кои го поддржуваат омилениот тим (својата партија).
Претседател-малер! Кај нас во ВМРО-ДПМНЕ сите навивачи се страсни навивачи. Сите го обожаваат својот тим (својата партија) и се пресреќни кога партијата ќе победи, но и се тотално депримирани и потиштени кога ќе загуби. Тоа е тој јужњачки менталитет, тоа е таа емоција која е карактеристична за топлите народи.
За жал, со ова раководство и под селекторската палка на актуелниот прв човек, ВМРО-ДПМНЕ губи во низа. Актуелниот прв човек на партијата пред да го преземе кормилото беше втор човек во партијата на позицијата генерален секретар. Факт е и дека пред тој да ја преземе позицијата втор човек во партијата ВМРО-ДПМНЕ победуваше.
ВМРО-ДПМНЕ победуваше уште од локалните избори во 2005 година кога добар дел од актуелново раководство на ВМРО-ДПМНЕ беше во друга или други партии кои учествуваа на изборите и се бореа против нас. Посебно во 2005 и 2006 година кога беше најтешко. Ние и тогаш и сега смета(в)ме дека партијата и државата треба да го задржат евро-атлантскиот курс, а некои други за жал мислеа поинаку. Тоа се истите тие луѓе…
И јас, но и многу мој искрени сопартијци имаме чувство како актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ да и носи малер на партијата. Стана ГенСек на партијата и прв пат после 12 години загубивме. Беше носител на листа на советници за град Скопје во 2017 година и загубивме катастрофално.
Стана претседател на партијата и повторно загубивме, овој пат на претседателските избори. Истовремено загубивме на локалните избори во Охрид и во Ново Село. Замислете во Охрид и во Ново Село победивме за претседателските избори, а изгубивме на локалните избори кои се одржаа истиот ден.
Ова значи дека имало поголем број на гласачи кои истиот ден гласале за ВМРО-ДПМНЕ за претседателски избори, но гласале против ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Поразите продолжија, па потоа со истиот тој претседател, овој пат како шпицен кандидат (кандидат за премиер) изгубивме на најважните избори, на парламентарните избори.
Тој како претседател беше и шпицен кандидат и претседател на републичкиот изборен штаб, кој штаб како и да не постоеше. Одржале еден или два состаноци и мислеа дека победата сама ќе си дојде зашто СДСМ бил катастрофа. Ама ништо не доаѓа така во животот. Тоа или го заборавиле или не го знаеле бидејќи секогаш некој друг им сервирал се на тацна.
За разлика од нас останатите, овие луѓе од актуелното раководство како да се научени да губат. Единствената победа која актуелниот претседател ја има остварено е победата на партискиот конгрес во Валандово кога се бореше и победи против замислен противник.
Немаше против кандидат и затоа победи. Ако тогаш имаше сериозен или било каков кандидат мислам дека и тогаш ќе загубеше. Затоа и немаше. Можеби и затоа е чувството како човеков да и носи малер на партијата, како да има нешто во неговиот менталитет што постојано води кон пораз. Од победничка, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори во губитничка партија. Ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ губи во низа и секогаш за поразот сé некој друг им е виновен.
Сега во тек е уште една многу важна битка (ако не и најважна) за тоа кој ќе состави влада. Еве од мене и покрај сите досегашни порази, една јавна поддршка ВМРО-ДПМНЕ да состави влада.
Ако состави, јавно ќе му честитам, ќе се извинам на актуелното раководство и веднаш ќе заборавиме и ќе им простиме за сите досегашни порази. Но ако и во оваа битка не успее, дополнително ќе се потврди сето ова што го пишувам за малерот што го носи и губитничкиот менталитет кој го следи.
Целиот текст прочитајте го на dw.com