Се огласи Трајко Вељаноски кој беше долги години Претседател на Парламентот

Вчера и денес се развија дилеми во јавноста и експертските кругови, дали е собранието воопшто конституирано. Професорката од правен факултет, Тања Каракамишева на социјалните мрежи напиша:

„Согласно Деловникот на Собранието, конститутивната седница завршува по изборот на претседателот на Собранието за што е потребно мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Со оглед дека ниту една партија го нема потребното мнозинство за избор на претседател, конститутивната седница очигледно дека ќе потрае.

Дури по завршување на конститутивната седница на Собранието започнува рокот од 10 дена за доделување на мандатот за да започне постапката за составување на влада!

Се молат новинарите правно да се информираат пред да пишуваат текстови и наслови како овој! Новинарите треба да информираат објективно и правилно, а не да ја дезинформираат јавноста!“

Со свој став се јави и поранешниот Претседател на Парламентот Трајко Вељаноски:

„Кои заклучоци може да се извлечат од вчерашната конститутивна седница на Собранието на Македонија?

Прво, истата сеуште не е завршена, туку е прекината после втората точка верификација на мандатите на избраните пратеници. Немаше формирање ниту на Комисијата за избори и именување , ниту предлог од таа комисија за избор на Претседател на Собранието.

Второ, Собранието без избран Претседател е неефикасно, бидејќи не може ниту да се закаже нова тематска седница, ниту да се носат закони што е неговата основна надлежност. Но, битната дилема е кој е одговорен за ваквиот исход што Собранието го држи во нефункционален вакум, дали е тоа Претседавачот кој согласно Деловникот ја свикал и водел седницата или некој друг?

После изборите во 2016та година во соодветниот рок ја закажав и ја водев конститутивната седница на Собранието и навремено побарав од парламентарните групи да предложат членови за формирање на Комисијата за избори и именување. Одговорот на партиите го чекав предолго, дури до март 2017 година, кога се предложи да се формира горенаведената комисија. Најавите од медиумите и сега предвидуваат одредено одлагање на формирањето на Комисијата за избори и именување, кое може да трае одреден период.

Но, Деловникот за жал не му дава на кој и да е Претседавач на конститутивната седница ниту капацитет, ниту институционални механизми по однос на динамиката на двете нејзини битни компоненти, а тоа се формирањето на Комисијата за избори и именувања, како и изборот на Претседател на Собранието. Одговорноста за успешното завршување на овие две точки од конститутивната седница, и од деловничка и од политичка гледна точка, зависи од парламентарните групи и одлуките на политичките партии во процесот на формирање на парламентарно мнозинство.

Се додека парламентарните групи не се договорат за претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување и се додека политичките партии не се договорат за собраниското мнозинство, претседавачот со конститутивната седница на Собранието не може успешно да ја заврши седницата, без оглед на неговите лични залагања или собраниско искуство.

А се додека Собранието не избере Претседател истото ќе биде неефикасна институција, чија вакум состојба ќе биде само уште еден знак за политичката и институционалната криза во која се наоѓа државата.“, напиша меѓудругото на својот профил на социјалните мрежи, Трајко Вељаноски.

Претходна статијаФилипче направи пресек – испливавме ли од летниот бран, сите бројки укажуваат на тоа
Следна статијаТодоров му извади „бели марамчиња“ на Мицкоски: Доколку не формира влада, потребно е веднаш да се случи промена на раководството