Статус на Билјана Ванковска: ,,Патем, денес нов рекорден број на заразени – дури 40! Бројот на починати е во многу симетрична бројка изразен – 111.
Медиумите глумат јавна едукација и почитување на мерките, како и сите други. Водителка носи маска прописно, еден гостин без маска, а другиот ја ставил преку уста, ама не и преку носот. Важно, „мудруваат“…
Има, и други комбинации, зависно од гостинот и новинарот, студиото… И после, како сериозно да ве сфатат луѓето кога им велите дека во затворени простории МОРА да се носи маска и тоа ПРОПИСНО?
Навистина, ајде да се договориме дали и натаму ќе фолираме, или секој е препуштен сам на себе. Иако кафаните не се отворени, мене ми се чини дека живееме во „шведскиот модел“, ама без шведската култура, доверба во властите и самодисциплина.
Јас досега тврдев за себе дека сосема добро ја поднесувам оваа самоизолација (излегување само за набавка на продукти и одење на Водно), но сега сум во фаза во која ме фаќа страв да излезам надвор – дома ми е побезбедно, бидејќи јас сум во целосна контрола на сопственото здравје, безбедност, хигиена, ризици, и сл. Башка што ми е супер кога си работам без вознемирувања (зависник од работа секогаш и сум била).
Проблемот е што и покрај сета глума и пропаганда за препород на здравствениот систем (за кој знаевме во каква состојба ја дочека пандемијата), и покрај создавањето на култ на личноста, јас лично НЕМАМ ДОВЕРБА ама баш во никого, најмногу во тие од кои ми зависи животот и здравјето.
Да, не бидам пророчица Касандра, ама назад ни е „зимата“ – допрво ќе ја плаќаме цената на урнисан систем по сите основи и шавови…”