Гоце Андревски од Канада: Економиите до крај на април ќе се отворат – еве што мора да направи Македонија

0

Синоќа на Алфа телевизија, во емисијата ,,Заспи ако можеш”, гостуваше Гоце Андревски, професор на Кралскиот универзитет во Канада. Тој изнесе свои прогнози кои во следниот период ќе се случуваат во економијата, а се поврзани со Корона вирусот.

Андревски на прилично пластичен начин, успеа да објасни на гледачите која е стратегијата на големите држави во следниот период, пред сите Америка, но и европските економии, Англија, Германија, како и нордиските земји.

Според Андревски, силните држави во моментов прават само едно нешто, а тоа е ,,билдање” на здравствениот систем. Што тоа значи? Тоа значи дека огромни пари се вложуваат во опремување на болниците и отворање на нови капацитети.

-Не се тоа само стандардни болници, вели Андревски, туку и мобилни болници, кои се монтираат насекаде во Америка, но и во европските држави. Медиумите вчера и завчера известија за впловување на неколку бродови – болници во близина на големите Американски градови, како Њујорк и Лос Анџелес.

-Планот на Американскиот претседател Доналд Трамп беше, веќе на 12 март да ја отвори економијата во САД. Тој на граѓаните им најавуваше дека за Велигден ќе се вратат на работа. Подоцна се предомисли и тој датум го помести за 30ти овој месец.

Се предомисли најверојатно по сугестија на медицинските стручњаци, кои му објаснија дека нивниот здравствен систем  кон средината на април нема да биде подготвен да прими премногу заразени пациенти со Ковит-19.

Идејата на силните економии е да ги зајакнат здравствените системи до максимум и што побрзо да се отворат економиите, за да не дојде до нивен целосен колапс, вели Андревски.

Доколку економиите се отворат, ќе се оди свесно на забрзување на ширење на заразата, но сега веќе, здравствениот систем ќе може сето тоа да го поднесе. Од порано е јасно кажано, дека дури 70 проценти од популацијата ќе биде заразена. Доколку се продолжи со рестриктивните мерки, освен што тие што треба да се заразат, ќе се заразат кога-тогаш, туку ќе пропадне и економијата.

Токму затоа сега ќе се оди со оваа стратегија. Внимавајте, ова не е јавно соопштено, ова не е никаде објавено, ова е моја проценка, бидејќи ова е дел од мојата професија, вели Андревски. Изјавите на претседателот Трамп, дека на крајот на април ќе ја отвори американската економија, само одат во прилог на моите претпоставки, рече Андревски.

Што треба да направи Македонија? Македонија мора подитно да ги вложи сите средства и ресурси во здравствениот систем. Ако сега има илјада легла, тие не да бидат 1500, туку да бидат 10 илјади, вели Андревски. Бидејќи ќе биде лошо. Не само од економски аспект.

-Доколку Македонија не вложи многу во здравството и не ја отвори својата економија, прво ќе заостанува зад соседите и сите останати, под претпоставка дека сите останати ќе ги отворат економиите, а тоа подразбира отворање на авионскиот и патничкиот сообраќај, рестораните, хотелите…

Туку, со почнувањето на повторен транзит на луѓето, ќе се зголеми многукратно ризикот од брзо ширење на заразата, па доколку не сме подготвени за наплив на многу пациенти, тешко ни се пишува, вели Андревски.

На крајот тој апелираше, да се договорат и власта и опозицијата и да застанат заеднички зад една ваква стратегија. Да се искористат контактите на економските промотори за набавка на респиратори и други потребни медицински материјали и апарати, или, во спротивно, да развијат неколку сценарија, како нашата држава би се однесувала во следните неколку месеци.

Обработи: Петар П.

Претходна статија(ВИДЕО) Михаела од Скопје ја напушти Инфективна излечена од Корона, па запеа
Следна статијаСрбите ја прозиваат д-р Дарија, а итно се огласи Зорана Михајловиќ: Жестока порака упатена до сите