Не ви требаат Германии, Америки, јас од стечаец станав газда – купив апартмани во Грчка

0

Галама здраво. Читам последниве месеци сите медиуми во Македонија речиси секојдневно пишуваат за Германија и други европски земји, дека може да се оди, да се работи и не знам што.

Да, може, ама во Германија ќе му бидеш најобичен измеќар на некого и ќе работиш колку да преживееш. Верувајте дека е така. Имам другари кои живеат таму и искрено ми кажуваат. Кога ќе ги одбијат сите трошоци, им останува нешто ситно за заштеда.

Шо направив јас. Сега ќе ви кажам. Јас работев во еден од погоните на МЗТ, кои последниве дваесет години беше приватизиран. Имам завршено ЕМУЦ и работев на дребонг.

Убаво ни беше некои петнаесет години, газдата даваше добра плата, но му секнаа конекциите за извоз и ја затвори фирмата која отиде под стечај. Јас поседував едно дуќанче во Ново Лисиче, татко ми шо му го остави и го издавав. Земав едвај сто евра месечно.

Другар мој, комшија, веќе една година како имаше купено апартман во Грција. То отпочеток ми раскажуваше дека добра парица праел од издавање, ама јас не му го поземав зборот за сериозно. Кога останав без работа го седнав и го натерав да ми раскаже.

Со муабетот ме убеди дека е добра инвестиција, па така, веднаш утредента го дадов дуќанчето на оглас. Кираџијата кој е бербер и го знаат тука муштериите, кога виде дека го продавам и дека ќе остане без локацијата, се понуди да го купи дуќанот. Тоа не беа некои пари, ама дозедов уште некој денар кредит од банка и купив два апартмани во Пефкохори.

Тогаш цените сеуште не беа качени како сега, мада и сеге не се којзнае колку многу. Со жената почнавме да ги работиме апартманите. Најпрво ги издававме на наши блиски, а потоа склучив договор со агенција, бидејќи успеав да купам уште три апартмани по две години.

Сега имам пет и топ ми е. Единствена моја обврска е кога нешто ќе се расипе, чешма ли било, шпорет, фрижидер… да однесам мајстор и тоа да се направи. Агенцијата си има луѓе кои се грижат за чистење на апартманите кога се менуваат гости.

Ќе бидам искрен. Да се разбереме, не се прават којзнае колку пари! Ова е сезонска работа. Ама се прават доволно за комотен живот цела година, односно повече отколку да работиш негде за 500-600 евра плата.

Дури, мислам дека се прават слично ко да работиш во Германија или Италија, со таа разлика што јас сум газда! Се грижам само за технички работи, поседувам имот кој си има своја вредност и кој во секој момент можам да го уновчам.

Па така, би ги охрабрил сите наместо да трчаат надвор да работат, знаеме колку е тешко во туѓина, да се обидат со приватно кај нас или во соседството. Не мора да е Грција. И во Банско тие шо имаат накупено по неколку апартмани знам дека прават добри пари.

А најдобра инвестиција е и Банско и Грција. Така цела година правиш пари. Ама, кој има кеш за почетна инвестиција…

Обработи: П.П. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата на Галама.

Претходна статијаЧекај бе ,,Господине” – мислиш ли дека за една пица на ден ќе ги исполнувам твоите фантазии?
Следна статијаПознатата авио компанија се огласи: Приземји 150 авиони – познати причините