Не е баш така едноставно – се огласи Германскиот амбасадор и ги објасни условите за работа во Германија

0

Стапувањето во сила на новиот германски закон за доселување на стручњаци предизвика голем интерес во Северна Македонија. Денес, со појаснување за новините се јави и германскиот амбасадор Герберих.

Македонските граѓани можат да заминат на печалба во Германија само откако ќе им биде признаена квалификацијата, без оглед дали имаат високо или средно образование, и врз база на тоа ќе добијат и работна дозвола.

Германскиот амбасадор во земјава, Томас Герберих денеска преку видео-изјава им се обрати на граѓаните појаснувајќи ја постапката која ја предвидува новиот Закон за доселување на стручна работна сила кој стапи во сила од 1 март годинава.

„Не сакаме да поттикнуваме одлив на мозоци, туку се залагаме за создавање на одржлив пазар на трудот во земјите од Западен Балкан“, вели Герберих алудирајќи на стравувањата дека новиот германски закон ќе поттикне нов бран иселувања од земјава и од регионот.

Тој притоа соопшти дека ќе бидат поддржани и оние државјани на земјава кои ќе одлучат да се вратат од Германија со цел тука да го пренесат стекнатото знаење.

Што се однесува до новите правила, тие се во детали објаснети и на интернет-страницата на германската амбасада во Северна Македонија како и на бројни други сервисни интернет страници.

Една од најважните новини во законот е овозможувањето на стручњаци и со средно и со академско образование да конкурираат за работа во Германија на исто ниво и со германските граѓани, како и со граѓаните на ЕУ. Но, без разлика на степенот на образование, тоа мора да биде признато во Германија. Повеќе за тоа информирајте се тука и тука. На југот на Германија недостасуваат најмногу работници.

Чекор по чекор, постапката за стручно лице се изведува на следниот начин:

– Признавање на Вашата странска квалификација во Германија;

– Конкретна понуда за работно место;

– Работна виза.

Новиот закон нуди и можност како стручно лице да поднесете барање за виза со важност од шест месеци со цел барање на работно место во Германија, под услов да поседувате соодветната квалификација и доколку Вашата странска квалификација е веќе признаена. Притоа треба да се има и одредено ниво на познавање на германскиот јазик (најчесто Б1).

Извор: dw.com.mk

Претходна статијаСе огласи Душко Млекарот од Германија: Овојпат и тоа што имаше да каже
Следна статијаПчелар од Скопско колне и моли да му се најдат – викендов му украле 23 пчелни семејства