„Zan Mitrev Clinic“ на самиот почеток именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“ ги постави темелите на современите медицински услуги во 1999 година, по адаптирањето и реновирањето на еден изнајмен дел од Воена болница во Скопје.
Официјално, болницата беше отворена на 1 март 2000 година, а медицинското стартување е одбележано со првата бај-пас операција во Република Македонија, водена од академик д-р Жан Митрев.
Токму на тој 1 март 2000 почнува да се пишува историјата во македонското здравство, новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија. Две години подоцна, односно во 2002 година е направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент.
Интересот за оваа установа почнува секојдневно да расте, а со тоа потребата од нови услови за работа. Потребите за згрижување на пациентите иницираат уште едно реновирање, а стариот оддел, истата оваа 2002 година, е заменет со модерен и современ оддел.
Веќе следната година стартуваат третманите на вродени срцеви заболувања. Успешно е поставен првиот АСН occluder, и тоа на преткоморен дефект кај 4-годишно момче. Во 2008 година стартува со работа новиот, софистициран дијагностички центар кој стана еден од водечките центри во регионот, со работно време 24/7.
Десетгодишнината од основањето на болницата, 2010 година, беше одбележана со бројка од 10 000 операции. Денес „Zan Mitrev Clinic“ не само кај нас, туку и во регионот е препознатлива како софистициран, современ медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.
Успешната приказна не завршува тука, напротив. Научните достигнувања низ годините носеа и соодветни звања и награди. Така, во 2002 година, д-р Митрев беше промовиран за Академик на плато.
Активностите на тимот на д-р Жан Митрев се промовираа и презентираа на повеќе светски конгреси, од каде се враќаа како добитници на бројни награди и признанија.
Од многубројните признанија добиени овде и во странство би ја издвоиле престижната наградата од EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и Сократ комитетот, од областа на здравството, „Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница“.
Приказната добива нова димензија пред четири години, односно на одбележувањето на 16-та годишнина од формирањето кога е отворен новиот објект кој е со пет пати поголем капацитет и го носи името „Zan Mitrev Clinic”.
Изграден е според највисоки стандарди, со уникатен ентериер, врвна медицинска опрема, комплетно регулирана средина, строго управувани режими на греење и ладење и довод на свеж воздух и максимална комфорност на пациентите, вработените и посетителите.
Потврда за успешното работење е престижната награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги, која му припадна на академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со здравствени центри од Европа и Блискиот Исток
„Zan Mitrev Clinic“, во ноември 2017 година, го доби и златниот печат за квалитет и безбедност од Joint Commision International и со тоа стана првата болница, која за неполна година, влезе во семејството на најпрестижната организација за акредитација на болници во целиот свет.
Продолжи и развојот на детската кардиохирургија, која функционира од самото основање на болницата, а во декември 2018 година, како врв на медицинскиот развој, ја стартуваше и ја разви и програмата со механичка циркулаторна поддршка за третман на срцева слабост.
Во април истата година „Zan Mitrev Clinic“ ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.
После две децении исполнети со максимална посветеност на здравјето и потребите на нашите пациенти, и понатаму ќе продолжиме да работиме со истото темпо и според највисоките медицински стандарди, секогаш во чекор со модерната технологија.
Со почит, Zan Mitrev Clinic