Да не бев огорчена, немаше ова да го пишувам. Изненадена сум и многу, многу сум разочарана. Вакво нешто од роден брат да доживеам!
Брат ми е постар од мене, и по сè изгледа јас сум родена по грешка. Нашите родители беа многу стари, па ги изгубивме и двајцата кога јас бев многу малечка.
Брат ми веќе беше свој човек и беше заминат во Австралија. Јас останав да живеам со тетка ми.
Тој таму живее со жена му веќе 13 години и многу добро е снајден, има добра работа, добро заработува, имаат голема куќа..
Јас никогаш не отидов кај нив за цело ова време, а тие само неколку пати во сите овие години, дојдоа во посета да ме видат.
Постојано кога и да се слушневме ми велеше да бидам добра девојка, па кога ќе го завршам школото дека ќе може да одам и јас кај него да живеам. Конечно завршив школо, според условите на брат ми и заминав кај нив.
Епа вака, во куќата имаат 300 квадрати, има голема дневна соба, кујна, помошна просторија, огромна бања.
Нивната спална соба исто така има огромна бања, жена му има посебна нејзина соба-галерија каде што слика слики, тој си има соба со билијард и пикадо, имаат и мини кино, соба со рефлектор каде што гледаат филмови.
Имаат и соба за дружење специјална каде што ги пречекуваат гостите, соба за детето кое ќе се роди дури после половина година…
А мене ми дадоа соба од 15-тина квадрати со сопствена мини-бања. Имаат уште два тоалети кои се гостински.
Ми најде и работа за кратко време, за што сум му благодарна, ама веднаш после тоа ми рече да си барам стан под кирија.
Значи, јас да плаќам стан со четвртина од мојата плата, а тие да живеат во палата. Немаат место за мене во нивниот дворец?
Па дури и чистачката кога ќе дојде, не ја чисти мојата соба, туку жена му ми рече, дека ако сум сакала и мојата соба да ја чисти, да си ја прашам чистачката за колку пари и да се договорам со неа. Инаку, само еднаш месечно ќе ми ја чисти собата.
А колку јадам и пијам, на мене не трошат ни сто долари за храна, и онака секогаш останува премногу храна. Ееее брате, брате, ако го гледаат ова мама и тато, сигурно се превртуваат таму каде што лежат.
И.П. Фото: Илустрација