(ВИДЕО) Баба и дедо од Солунско: Абе дете, оти не разберваш – ние си зборваме на Македонски

0

Тажни се судбините на Македонците од Егејска Македонија кои морале да ги напуштат своите родни огништа и да се населат во земјите од поранешниот Советски сојуз, Југославија, Унгарија, Романија…

Притоа, биле разделувани, маж од жена, дете од мајка, братче ос сестриче. Тоа што го доживеале овие наши предци, може да се спореди само со она што го поминаа Евреите.

Но се чини, уште потешко им било на оние кои останале. Им било забрането да говорат на својот мајчин јазик, морале да ги сменат своите имиња и презимиеа, да учат во грчки училишта.

По добро познатите настани, Грција била населена со дојденци од Мала Азија, кои ги завзеле имотите и укуќите на иселените Македонци.

На видеото подолу, може да видите баба и дедо кои живеат во Неа Халкидоња, Солунско. Тие на новинарот му објаснуваат дека тука се родени и целиот свој живот таму живеат, но и дека нивни мајчин јазик е Македонскиот.

-Јас сум Трајко Мајнов, а по грчки Јоанис Манос, вели дедо Трајко.

-Јас сум Благородна Мајнова, по презимето од татко ми, Попова. По грчки, Вангелица Ману Пападополу, вели баба Благородна.

На прашањето од новинарот каде го научиле Македонскиот јазик, тие низ смеа раскажуваат:

-Абе ние се родивме тука, нашите родители тука немаа друг јазик, зборуваа само Македонски и денешен ден Трајко зборува само Македонски, вели баба Благородна. Тука сме си родени, од тука ќе си заминеме, велат низ смеа бабичката Благородна и дедо Трајко.

Инаку до пред петнаесеттина години, беше речиси незамисливо да го слушнете ова во Грција. Нашите луѓе таму се плашеа да говорат Македонски и не го откриваа својот идентитет, дури ни пред дојденците од нашата земја, кои одеа во Солунско на одмор или шопингување, но работите се сега променети и тие немаат веќе таков проблем.

Но не само во Грција. Дури и Македонците кои живееле и работеле во Европските и прекуокенските земји, а потекнувале од егејскиот дел, не ги кажувале своите корени. Но и тоа е сега променето.

Еве што ни напиша пред околу еден месец нашинец, кој живее и работи во Америка како таксист:

,,Галама здраво. Сакам да споделам со вас едно интересно и емотивно доживување, кое ми се случи овде, во центарот на светот, градот Њујорк.

Дојден сум тука не многу одамна, само две години. Знаете како е, почеток, тешко. Возам такси за да си го пополнам буџетот и да си ги платам биловите.

Не е обично такси, туку сега многу популарниот Лифт, апликација идентична на Убер. Патникот од својот мобилен телефон ја додава крајната дестинација на мапата и апликацијата му кажува колку ќе го чини.

Потоа тој плаќа, а јас или некој мој колега добиваме нотификација да го земеме од неговата локација и да го днесеме до крајната дестинација. Лифт нас ни плаќа за секоја измината милја, како и за поминатото време во текот на возењето.

И така јас пред некој ден добивам нотификација дека треба да земам извесен Ставрополус. Со оглед на тоа што градот Њујорк е светот во мало, сите обично прашуваат од каде си. Па јас бев спремен на овој Грк да му одбрусам – од Македонија.

Си чекам јас така и полека ми се приближуваат бабичка и дедо, придружувани од своите синови (тоа подоцна разбрав).

Влегоа во колата и бабичката веднаш ме праша:

Од Русија ли си?

Не, одговорив, јас сум од Македонија!

Бабичката на тоа: ,,Ами кој јазик лафиш бре синко?”

Па нормално Македонски, одговарам јас.

-Ами од кај си?

Од Битола бабичке.

Па ние сме од Лерин бе синко, воскликна бабичката и почна да вика по сопругот кој врќр беше задремал: ,,Ставро, Ставро, абе ова наше дете да ти било”! Само што ја изговори оваа реченица, бабичката почна да плаче.

Разврзавме муабет со бабичката и дедото дури траеше патувањето за сè и сешто. Ми ја раскажаа цела нивна историја. Македонци од Лерин, кои како и многу други, грчката држава им ги сменила имињата и со години им забранувале да говорат на својот мајчин јазик.

Во Америка биле дојдени од 1966 година, имале три деца, кои биле многу мали кога дошле тука, па не ни знаат мајчин Македонски јазик.

Се мачеле кутрите, работеле во фабрика за кошули, но кажуваат дека тогаш на времето и парите вределе многу, па така заработиле и за куќа и за стан во којк сега живеат.

-Одамна не сме виделе нашинец тука синко, ми рече дедото. Ние сме сега во пензија и ретко излегуваме. Имаме скоро 90 години, но редовно, секоја година одиме во нашите краишта. Во Лерин имаме куќа, ми рече дедото.

Се испоздравивме на крајот, се изгушкавме и ми дадоа добар ,,тип”. Не само ним, и мене ми дојде убаво на душичката.”

П.П. Фото: Илустрација и Јутјуб принтскрин

Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаПотешко е да се дојде до работна виза за Македонија отколку за Германија и Австрија
Следна статијаЗошто толку многу ,,боли” невозвратена љубов – кој ова не го доживеал, нека го фрли првиот камен