Собранието се распушти – избори ќе има на 12 април

0

По неколку дневни жолчни расправи, особено околу разрешувањето на Рашела Мизрахи и законот за ЈО, конечно денес се донесе одлука за распупштање на парламентот и одење на избори на 12 Април, како што беше договорено меѓу лидерите на најголемите партии.

Собранието попладнево едногласно со 108 гласа „за“ ја донесе одлуката за самораспуштање. Одлуката за самораспуштање беше поднесена од спикерот Талат Џафери, кој во своето обраќање рече дека по направената консултација на 10 февруари со Државната изборна комисија, денешниот ден е последен рок за распуштање на Парламентот.

– Одговорот од ДИК беше дека тие можат да обезбедат соодветен тек на процесот во рок од 55 дена од моментот на самораспуштање на Собранието поради фактот што предвремените избори се поврзани со чинот на распуштање на Собранието, а не со политички одлуки. И поради таа причина, анализирајќи и пресметувајќи ги сите рокови, последниот момент на распуштање на Собранието треба да биде денес со цел да се обезбедат сите рокови и постапки навремено, појасни Џафери.

Посочи дека сите одлуки што биле донесени во Парламентот се донесени во интерес на граѓаните и на државата.

– Како луѓе човечки е нешто и да сме погрешиле. Што се однесува до мене ако сум згрешил, грешката не сум ја направил намерно и јавно се извинувам, потенцира Џафери.

Координаторот на СДСМ Јован Митревски рече дека во изминатите три години сегашниот парламентарен состав поминал низ многу премежија и пребродил многу кризи, но оти тоа не ги спречило да донесат историски значајни одлуки со кои се дефинира иднината на државата.

– На 12 април не очекуваат предвремени избори. Граѓаните ќе имаат можност да одлучат кому ќе му ја дадат поддршката. Ќе се соочат со две дијаметрално спротивни политики – едната на СДСМ чија главна грижа е граѓанинот и другиот избор за кој нема да коментирам, рече Митревски, посочувајќи ги придобивките за граѓаните од реализацијата на проектите спроведени од СДСМ.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски оцени дека во изминатите три ипол години овој парламентарен состав поминал низ тешка политичка криза и обвини за непрофесионално работење и криминал и корупација во редовите на СДСМ.

– Избори мора и ќе има на 12 април. Денес ќе ставиме крај на заложништвото во кое се наоѓа државата, рече Мицевски, посочувајќи дека СДСМ ќе остане запаметена по, како што рече, катастрофалните економски политики, партиските вработувања во администрацијата, немањето странски инвестиции.

,,Напишавме историја! Во име и за добробит на граѓаните ги донесовме најтешките одлуки. Во ниту еден момент сум немал дилеми дека го правиме најдоброто за државата.

Да се биде пратеник од СДСМ е чест но и голема одговорност. Струмичани, се надевам дека во ниту еден момент не ве изневерив.

Благодарам за поддршката која ми дававте и ми ја давате. Секогаш ваш. Се гледаме за брзо. Ве сакам.”, напиша портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, притоа објавувајќи фотографија од парламентарното мнозинство.

Претходна статијаЌерко, ти си најважната личност во твојот живот и никогаш немој да трпиш непочитување! – Те сака, мама
Следна статија(ФОТО) Елена Ристеска со драстична промена – можеби нема да ја препознаете