Илјадници граѓани утрото пријавиле дека добиле телефонски повици од непознати странски броеви, најчесто со префикс +881 кој не е евидентиран како повикувачки број од ниту една држава.
„Повикот траеше кратко. Не ни успеав да се јавам“, вели за „360 степени“ еден од корисниците кому му бил упатен повикот.
Од оваа компанија велат дека најверојатно се работи за хакерски напад. Нивна препорака е во никој случај корисниците на нивните услуги да не се јавуваат доколку добијат повик од броеви кои им се сомнителни и веднаш да ги пријават, за ваквите броеви да бидат блокирани.
Оваа меѓународна измама во светот е позната како „Вангири“, а потекнува од Јапонија. Но што се случува доколку одговорите на повикот? Ве поврзува со таканаречени премиум броеви и ве задржуваат што е можно подолго на линија.
Колку подолго ве задржат, толку повеќе ќе ве чини овој повик, и нивната заработка ќе биде поголема, а вашата сметка ќе достигне астрономска сума.
Како да се заштитите? Постои само еден начин – не кревајте кога ви ѕвонат и не враќајте на нивните повици. Ако се обидете на го блокирате повикот, тоа ќе биде неуспешно бидејќи секој нареден повик доаѓа од различен број, пишува порталот 360 степени.
Поранешната пратеничка во парламентот и професор по безбедност, Фросина Ременски по повод овој слулај се огласи на социјалните мрежи:
,,Нашите телекомуникациски оператори или АЕК мора под ИТНО (!) да дадат одговор за бројните дојдовни повици од неидентификувани броеви од странство кон наши корисници.
За да се избегнат било какви штети и шпекулации, има надлежни институции кои треба да го превенираат ова.
Не сакам да верувам дека, зад оваа “масовност” се крие таргетирана разузнавачка операција. За да нема шпекулации потребен е одговор.”
Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), регулаторното тело во телекомуникациската област, најавија дека наскоро ќе објават соопштение со насоки до граѓаните, а став за состојбата најавија и телекомуникациските ператори.