Најчевска: Решив да членувам во партија која нема да се бори за министерски и директорски места

0

Мирјана Најчевска: ,,Она што најмногу се изгуби во последните децении во Македонија е достоинството на професиите. Се изгуби гордоста дека припаѓаш на одредена фела, дека си дел од група луѓе кои имаат специфични знаења и вештини, кои знаат нешто да сработат и уживаат во продуктот на својата работа.

Најголем придонес во дезавуирањето на професионалноста во јавниот сектор имаат политичките партии.

Во моментот кога дипломата, вработувањето, кариерното напредување, се дел од партиското делување и директно зависат од партискиот ангажман, фрлена е атомска бомба врз професионалноста, знаењето и вештините, и секако врз гордоста да бидеш припадник на одредена професионална групација.

Ако наставник, дипломат, администратор, доктор, се станува со амин на партијата, која е гордоста на професијата, кога секој лепач на плакати и лижач на пликоа е перцепиран на еднакво професионално ниво со вистинскиот наставник, дипломат, администратор, доктор?

Ако наставник, дипломат, администратор, доктор, може кариерно да напредува само со амин на партијата, тогаш зошто некој би се гордеел со своето знаење и вештини и способности кога секој лепач на плакати и лижач на пликоа ќе го претрка на професионалните скалила.

Како да бидам горда на мојата научна фела кога докторирале и ојле и дојле и формално нивното мислење е на исто ниво со моето?
Како да барам добра полиција кога под називот професионален полицаец се кријат фризерки, попови, хоштаплери, …?

Како да барам професионална и ефикасна администрација, кога секое неписмено партиско војниче може да биде администратор кој не само што не знае и не умее, туку без никакви последици ги крши сите правила на професијата?

Затоа кога ќе почнуваме нешто да менуваме во државата, мора да почнеме од заштитата на професионалноста. Како поим. Како заштитено добро. Професионалноста издигната на највисоко ниво над партиите и етничката припадност и верската припадност и било која друга карактеристика кој во последните децении стана поважна од тоа да знаеш и да умееш.

Затоа решив да членувам во партија која нема да се бори за министерски и директорски и други раководни функции. Туку која ќе се бори на секое министерско, директорско и функционерско место да седнат луѓе што знаат и умеат.

Затоа што професионалноста почнува и одоздола и одозгора. И нема изговор за непрофесионалност. Нема пазарење со непрофесионалноста. И нема партиски дил кој води кон непрофесионалност.”

Претходна статија(ВИДЕО) Отец Пимен влезе во музиката: Напиша и продуцираше рок балада
Следна статијаМакедонци ја изградиле железната црква Свети Стефан во Истанбул