Работодавците во Германија редовно ги „искористуваат“ странците – ги плаќаат помалку, ги вработуваат без договор за работа и ги присилуваат да работат прекувремено без да им ги платат дополнителните часови, предупредуваат од германскиот Институт за човекови права (ДИМР).
Тука странците, меѓу кои се и оние од земји што не се членки на ЕУ, но и од земји-членки на ЕУ како Романија и Бугарија, се жртви на „немилосрдно искористување“ на работа, наведува независниот институт во годишниот извештај поднесен во германскиот парламент.
Од институтот разговарале со повеќе десетици странски работници и утврдиле дека работодавците не се срамат на странците да им исплатат многу помала плата од минималната, која моментално е 8,84 евра бруто за час. Некои странски работници мора да работат и прекувремено, што не им е платено, или работодавците ги сместуваат во несоодветни услови.
Таквите ситуации се чести во секторот на градежништвото, фабриките за преработка на месо, но и во здравството, давањето услуги за чистење и угостителството.
Во извештајот се предупредува и на тоа дека странците често работат без договор за работа и не добиваат исплатна листа за платата, што им го отежнува потенцијалното тужење. Нивните работодавци не им го плаќаат ни социјалното осигурување.
– Всушност, тие луѓе немаат речиси никаква можност да се обратат во суд во врска со барањата за плата – истакна Беате Рудолф, раководителка на институтот, на претставувањето на извештајот.