Статус на Жарко Јордановски:
“ЕГЗИЛ, РЕЗИЛ И КРАХ – Шегата на страна, кога ќе помисли човек со што се соочува Груевски, бегство, и тоа до последен здив, воопшто не е нерационална одлука. Многу е човечка. Ние велиме дека треба да одлежи две ипол години, ама тој гледа потенцијални дваесет, со оглед на сите дела што му се на врат. Пред таков избор многумина би одбрале живот во постојано бегство, па каде и да е, отколку да помине огромен дел од остатокот од животот зад решетки.
Светов е широк, а и интерпол не е семоќен. Има држави каде може да се засолни, некои дури тоа би го направиле на драга волја. Настрана муабетот дека животот на прогонетата ѕверка е мачен и неспокоен – слободата, каква и да е, многу е поскапоцена. Егзил, па уште обландиран со остатоци од „кауза“ е еден излез кој на Груевски може да му се види психолошки најрпифатлив.
Ако навистина е побегнат, мислам дека тоа ќе биде сосема доследно со се она што од него до сега го видовме, една екстремна тврдоглавост пред се, безумно хазардерство и ирационална борбеност дури и во апсурдни, изгубени „утакмици“. Да не заборавиме, и бегството е акција.
Да не зборуваме во што би можеле да го претворат таквиот чин неговите обожаватели, и онака склони кон филувања и митологизирања. Нашата тврдокорна дијаспора би се радувала да добие своја верзија на Анте Павелиќ или Абдула Оџалан. Да се фали дека „помогнала“, вака или онака. Се разбира, се ќе биде карикатурално, но тоа одлично ќе легне на естетските стандарди на таа клиентела, како античкото оро на Александар, на пример.
Дали некој е виновен што не го спречил ова бегство? Мислам не. Полицијата не би смеела „превентивно“ да го следи, пред судот да побара од неа да го спроведе во затвор. Што би рекол самиот тој, ако сака да бега, ќе бега. Од самиот себе не може да избега.
П.С. Ова е сепак хипотетички пост. Го задржувам правото веднаш да го избришам, ако Груевски биде брзо пронајден од МВР или ако сам се пријави на издржување на казната.”