„Пивара Скопје“ се одѕва по објавата дека неколку вработени во скопска фабрика за пиво и сокови денеска се пожалиле со стомачни тегоби. Преку соопштение тие уверуваат дека ја следат континуирано состојбата на вработените и се надеваат оти тие наскоро ќе бидат добро.
„Потврдуваме дека неколкумина вработени во Пивара Скопје се имаат пожалено на стомачни тегоби. Состојбата на сите овие вработени ја следиме контиуирано и се надеваме дека тие наскоро ќе бидат добро.
Веднаш по појавата на првите симптоми, Пивара Скопје и надворешниот добавувач на угостителски услуги, во соработка со надлежните државни институции – Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, ги презедоа сите неопходни чекори и проверки за да се откријат можните причини и да се изолира ваквата појава. Повеќе информации би биле во можност да споделиме откако ќе ги добиеме резултатите од надлежните институции.
Сите вработени во компанијата добиваат редовен оброк подготвен и дистрибуиран од страна на надворешен добавувач. Безбедноста и здравјето на сите наши вработени е највисок приоритет за компанијата“, стои во соопштението на „Пивара Скопје“. Претходно, Агенцијата за храна и ветеринарство преку соопштение укажа на проблемот со труењето, по извршената вонредна инспекциска контрола во мензата.
Од Агенцијата информираа дека ќе бидат земени мостри од храната што се подготвувала и послужувала како оброк за вработените, како и брисеви од работните површини и од вработените во мензата. Причините ќе бидат утврдени со лабораториско испитување на земените мостри храна и брисевите, а резултатите од анализите ќе бидат познати за неколку дена.