Напикани сме седум души во две соби – ај пуст да е и да би останал живот во туѓина

0

Здраво Галама. Низ солзи ви го пишувам овој текст, сакам да ви доловам како изгледа живот во туѓина. Ама живот на работник, надничар, кој дошол овде бидејќи таму долу немал за корка леб.

Во Германија сум, ама шо ако сум, работам кучешка работа. Ги чистам цистерните за нафта по домаќинствата од прљавштина. Значи, се пикам во цистерната и не излегувам по еден час. Правам пауза од петнаесетина минути и повторно назад.

Оваа работа ја работам за некои бедни 40-50 евра дневница. Бедни, бидејќи овде во Германија со тие пари можеш само да преживееш, ништо повеќе. Во станот кај што спијам сме седум души во две одаи. Се на се, пеесетина квадрати. Седум различни карактери, мажи, има и пијаници и домаќини, но во суштина сите сме сиромаси аргати.

Четворица работат во градежништво, еден е шофер и еден си мене по цистерните. Ко ќе се прибереме навечер или играме карти, или спортска или се пијанчиме. Другиот ден повторно иста песна. За станот плаќам 150 евра месечно, за јадење, превоз и телефон уште 700, ми остануваат само околу триста. Тие им ги праќам на фамилијата во Македонија.

Ова го пишувам чисто да знаат нашите долу, како ни е нам тука. Бидејќи знаат да завидуваат и да не нарекуваат богаташи. Едно кафе во ресторан не сум се напил, во кино или театар не сум бил десетина години. Далеку од сопругата, децата, родителите, роднините. Приморан да се дружам и живеам со некои луѓе кои никогаш не сум ги видел.

Дома одам два пати годишно, за Божиќ и на лето. Децата ми пораснаа, не ги видов, не ме познаваат, ме гледаат како странец. Незнам, можеби и сопругата има свој живот. Ама ајде доста се јадосувам. Ценете го тоа што го имате, доколку го имате…

С.П.

Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е авторски и не смее да се превзема и реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаМиле Кузмановски: Животот со три девојчиња дома умее да биде многу забавен
Следна статијаБогданов: Преспанскиот договор е вистинскиот правец за Македонија