На Груевски како поранешен премиер, според законот му следува 24 часовна државна заштита од шестмина телохранители вработени во МВР. Но, Судот викендов не побарал асистенција од СВР Скопје за да го најде осуденикот. Полицијата, според процедурата, без налог на судот нема да го бара Груевски. Тоа значи дека воопшто нема ни да ги прашува шестмината вработени во Шестата управа на МВР кои го обезбедуваат како експремиер, каде е, зошто не е најден дома, дали им избегал и слично, додека Кривичниот суд не даде налог за такво нешто.
Нивните шефови од МВР немаат законска надлежност да им се јавуваат и да ги прашуваат каде е, зошто не бил на адресата што ја пријавил, се додека не биде добиен налог од Судот. Во петокот, доставувач од Скопска единица, веднаш по изготвувањето на решението од кривичниот совет со кое се одбиваат жалбите на Груевски за одложување на затворската казна, неколку пати отишол кај семејството Груевски, на адресата која е заведена и во обвинението и во пресудата за незаконската набавка на луксузниот мерцедес со пари од МВР.
Дома кај Никола Груевски доставувачот ја нашол сопругата Боркица Груевска, која кажала и докажала дека тој навистина не е дома. Тоа се случило три пати, по што од Судот доцна пред полноќ изјавија дека настапуваат два неработни дена и потрагата по осуденото лице за да му се врачи решението за затвор од нивна страна продолжува в понеделник наутро.