Здраво Галама. Потекнувам од струшкото село Октиси. Во Лозана живеам веќе седумнаесет години. Работам како гипсар и заработувам колку да можам да живеам еден пристоен живот. За сиве овие години заштедив толку, колку да можам во Октиси да направам една куќа.
Овде сме под кирија и тоа висока кирија. Бидејќи сум со фамилија, не можам да го делам сместувањето со цимери, па морам самиот да си плаќам кирија во изнопс од 1500 франци.
Жена ми не работи бидејќи имаме три деца. Таа се грижи за нив и за домаќинството. Со една плата толку може, еден пристоен живот, кола за да дојдеме еднаш или два пати во Македонија…
Но сега децата ни пораснаа и за неколку години се надевам дека и таа ќе почне да подработува, па ќе можеме да заштедиме некој денар за старост. Но едно друго нешто сакам да ви кажам. Какви можат да бидат луѓето.
Мојот братучед овде го повлеков јас. Живееше кај мене скоро година и јас му ја најдов првата работа како молер. Отпочеток изгледаше пре благодарен, како никогаш да нема да ми ја заборави добрината. Но се излажав. Еве што се случи.
Мојот братучед после само една година се здружи со некои албанци овде во Лозана. Почна да излегува на сомнителни места и еден ден се отсели од кај нас, а изненадувањето за мене беше поголемо кога дознав и дека ја напуштил молерската работа.
Нашите контакти станаа сè поретки, престана да се јавува и да честита роденден на моите деца, дури и за нова година не дигна еден телефон. Но најмногу од се ме погоди кога се видовме во еден ресторан кој го држи еден србин, јас целиот срдечен тргнав да се поздравувам, а тој (седеше со некои луѓе), само ми кимна со глава и го заврте погледот. Не ми се веруваше.
Седнав на друга маса, јадев, се напив едно пиво и пред да си одам влегов во тоалетот. На излегување се појави тој. Дури и ме искара. Ми рече, братучед, јас сега работам со бизнисмени луѓе, те молам воздржувај се од тие селски манири на гушкање и бацување кога ќе се видиме. Срамота е. Го гледав, го слушав и не ми се веруваше.
Се натажив, ја наведнав главата и излегов од локалот. Солзи ми дојдоа на очите. Вечерта и кажав на жена ми и двајцата си поплакавме. Какви можат да бидат луѓето. По еден месец го видов како вози Порше Кајен, џип од 100 илјади франци.
Низ нашите таму се слушаа моабети дека се фатил да работи со некои недозволени работи. Верувајте, ќе ми биде жал ако му се случи нешто, ако има проблеми со законот и покрај неговото однесување кон мене.
Баш мене ли мораше да ми се случи да ја доживеам онаа народната: “Дај му на човек пари да го видиш каков е”, или онаа српската, “Кад се сељак покондурчи”. Ама тоа е. Ќе си задржам достоинство и нема да го оговарам кога ќе одам во село.
П.П.
Авторски текст. Не смее да се превзема и реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.