Фолк легендата Ефто Пупиноски е на турнеја низ Австралија. Тој е таму заедно со битолската група„ Милениум“. Организатор на турнејата е Македонското младинско друштво „Никола Карев“ од Мелбурн.
Ова е уште една можност во живо да се слушнат неговите безвременски хитови „Туѓа си бескрајно“, „Зоро моја Зорице“, „Лихнида кајче веслаше“, „Тинке, Катинке“, „Ти ми беше прва пролет“, „Сакам да ти влезам во срцето“ и други.
Турнејата започнува во Волонгонг, каде ќе одржат концерти на петти октомври. На шести и 12 октомври се во Сиднеј, во Мелбурн ќе одржат два концерти и тоа на 13 октомври во „Фераро рецепшн“ на 19 октомври во „Емералд рецепшн“.
На 20 октомври ќе одржат концерт во Аделаид, на 26 се во Џилонг и на 27 октомври е последниот концерт, кој ќе се одржи во Перт. (В.М.) – 7дена
Инаку, за неговата најпозната песна “Туѓа си бескрајно”, Ефто во минатото изјави:
„Туѓа си бескрајно“ е своевидно чудо
Многумина на шега велат дека Македонците не беа подготвени за „Туѓа си бескрајно“ во деведесеттите години на минатиот век. Песната стана хит по две децении и веќе неколку години нема кафеана без неа. За тоа зошто толку доцна созреа оваа песна, Пупиновски вели дека „Туѓа си бескрајно“ е своевидно чудо.
– Преслушана е на „Јутјуб“ преку 3.000.000 пати (патем кажано за наши македонски услови хит е онаа песна што е барем 500.000 пати преслушана). Песната ја изведов на фестивалот „Камбера“ во Австралија во 1992 година и тогаш ја доби третата награда (напоменувам, без никакви лажирања) од публиката. Значи таа беше прифатена од слушателите и во тоа време, а сега, можеби ќе бидам нескромен, дојде до полн израз бидејќи има недостиг од добри песни – вели Пупиновски.
Малку траги-комично е тоа што песната се пее дури и по свадби, но, според него, и тоа си има свое логично објаснување бидејќи присутните во тој момент ја доживуваат како песна која бескрајно ги расположува и развеселува.
Сепак, по повеќе од 40 години на сцената не е само „Туѓа си бескрајно“ таа што се пее на глас од новите генерации.
– Да, не само „Туѓа си бескрајно“, тука е и раскошната „Лихнида кајче веслаше“, која веќе има 5 легални и уште толку нелегални верзии низ Балканот и е балкански хит. За неа може да направиме специјално интервју. Покрај неа се „Ах, ах, Ана“, „Прости ми душо моја“, „Зоро моја Зорице“, итн, на кои сум композитор, а како интерпретатор тука е „Тинка Катинка“, „Песната може се“ итн. – рече Пупиновски.