Сергеј, те прават ваков-таков, ама јас едно ќе ти кажам, ти си брат маж со М. до колена

Сергеј Варошлија е присутен во јавниот живот веќе две децении. Јавноста е запознаена со неговата работа, важи за врвен стилист, но и по малку со неговиот приватен живот. Тоа малку е неговата врска со една од најпознатите манекенки кај нас во минатото, Надица Георгиева. И толку.

Тоа се официјалните информации за Сергеј, а шпекулации и дезинформации, рекла-казала во стилот “чаршија прича”, на претек. Таков е нашиот народ, сака да си плете приказни од типот ми кажа еден другар, пријателка и особено ако си јавна личност, мораш да се навикнеш на ова. Впрочем и светот горе-долу функционира на овој начин.

Loading...

Но јас би сакал да се задржам на еден друг момент. Феномен кој досега не го знаевме за Сергеј. Карактерна особина која секој маж би ја посакал, а тоа е храброста да не потклекнеш пред никакви закани, да го тераш тоа што си го замислил по цена на физички напади, закани од тужби, вербални вознемирувања…

Сергеј изминатите неколку месеци, во своја авторска емисија на новоотворената 1ТВ, се дрзнува да ги “пердаши” познатите и непознатите, врз основа на фотографии кои самите си ги постираат на социјалните мрежи. Сергеј предизвика бура од овации, но и негодувања. Негодувања од “третираните”, нивните “посилни” половини, пријатели, роднини. Овации од неутралната публика.

Можеби ќе изгледа малку нескромно, но јас Сергеј би го ставил рамо до рамо со легендарното шоу К-15. Еуфоријата неколку минути пред 19 часот да се застане пред телевизор, ја оправдува оваа квалификација. Тој има течна мисла, дозиран хумор, актерски особини, на кои би можеле да му позавидат многумина од академија. И сето тоа проткаено со критика, која на крајот на краиштата делува едукативно кон публиката.

Неговата емисија и неговите ставови кон просветните работници на пример, се сосема на место. Жена, човек, кој работи во просвета, со деца, едноставно мора да внимава на својот пристоен изглед и на своето однесување во јавноста. Спротивно на ова, каков пример се истите за учениците, кои освен што ги описменуваат, треба да им всадат и морални, животни вредности.

Сега секој од нас, пред да излезе на улица, ќе обрати поголемо внимание на својот изглед, но уште повеќе и на однесувањето, бидејќи некој таму од страна слика, снима и прикажува на ТВ.

Да се вратам на насловот и на воведот во овој текст. Сергеј лично не го ни познавам, ниту сакам да бидам негов адвокат. Да бидам искрен, моето мислење за него било во стилот на рекла казалите од типот “ваков-таков”. Но после оваа негова пркос и газење понатаму после сè што му се случува, ќе повторам уште еднаш.
Друже Сергеј, ти се дечко со муда до колена!

Петар Попоски