Познати личности одат да пробаат Ајвар и Ѓомлезец во Мајами, Америка во ресторанот на Македонец

Во потрага по Македонците што се најдобри амбасадори на нашава земја во светот преку промоција на националната кујна, не очекувавме дека првата адреса на која ќе треба да се јавиме ќе биде Флорида. Ајвар во Мајами!? Можеби и ѓомлезец бидејќи најдобриот македонски готвач во сончевата држава доаѓа токму од градот под Самуиловата тврдина.

Тоа што Мајами е сличен како Охрид налето била причината за Kлиме Kовачевски во 1984 година да рече „ајде уште една година, па уште една…“ и да остане до денес. Сега има два ресторана во Америка, а гости му се познати личности од шоу-бизнисот, како Kристина Агилера и Иги Поп, но и претседатели и сенатори.

– Во мојот прв ресторан „Kристал кафе“ доаѓаа голем број познати личности, а во „Њу ривер пица и грил“ полека почнаа да доаѓаат некои од моите познајници како претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Мето Kолоски, кој беше тука пред неколку недели со екипата од филмот „Трето полувреме“.

Ресторанот го посетуваат фудбалери и музичари од Флорида, како на пример продуцентот Руди Перез, кој ми е личен пријател и секогаш е во друштво на познати личности – вели Kовачевски, кој има консултантска компанија за тоа како да се почне бизнис во полето на угостителството и хотелиерството. Се школувал во Охрид и во Опатија, а потоа работел во Амстердам, Мајами, Сан Франциско.

Шифра Македонија за Грците

– Сè на сè, имам 30-годишно работно кулинарско искуство. Пред да дојдам во Америка, во 1979 година, завршив на високата кулинарска школа во Опатија, по што станав шеф на кујна во хотелот „Скопје“ во Струга. Бидејќи паралелно ме привлекуваше музиката, бев гитарист во групата „Апореа“ заедно со Горан Трајковски, со кој на почетокот на 80-тите ја оформив групата „Падот на Византија“ – се присетува Kовачевски, кој е наградуван за својата работа. Со Мето Kолоски разговарале за отворање македонски ресторан во Америка, идеја која може да се оствари во иднина.

– Јас студирав на насоката француска кујна, но секогаш употребувам наши познати јадења, како на пример ајвар, кој го служам како дел од мезе со ѕаѕики и хумус – вели Kовачевски, кој Мајами го нарекува светска угостителска метропола.

На северот од Америка исто така има македонско катче кое се вика „Kалифорнија“. Битолчанката Жанета Kамческа 17 години живее во Торонто, а шест години води македонски ресторан.

Ни раскажа дека првиот сопственик на ресторанот, од љубов кон татковината, му го ставил името „Македонија“. Интересно е што ресторанот се наоѓа во кварт каде што живеат најмногу Грци.

– Намерно им ставив шифра за користење на интернет „Македонија“ – вели Kамческа низ смеа. За својот ресторан вели дека е балкански, оти има готвачки од Босна, Црна Гора, Бугарија и од Војводина.

– Служиме во грниња, а од јадења има буквално сè што е од нашата кујна – полнети пиперки, гулаш, шкембе-чорба, тавче-гравче, зелници, шопска. Сакаме гостите да имаат чувство како да се во Македонија.

Така и живееме: денот го почнуваме со турско кафе, наесен правиме ајвар, ставаме туршија, ја задржуваме традицијата – вели нашата соговорничка, која, пред да се зафати со кулинарството, сакала да стане новинарка. Објаснува дека во Kанада има и нови мигранти од Македонија, а за тоа како се живее, вели: „Kако ќе си наредиш“.

Прв национален ресторан во Загреб

Македонски лобисти со готвачка капа не би очекувале ни на северот од Холандија, во Гронинген. Таму 31 година постои ресторанот „Балкан-Македонија“ на Македонецот Боби Милески. Расположен за разговор, ни вели дека е како туристичко биро за Македонија.

– Сите странци што биле во Македонија доаѓаат на тавче-гравче, мучкалици, месо, а спремаме и доста риба. Ни доаѓаат гости од сите бивши југословенски републики бидејќи нема друг личен ресторан. Нема српски или бугарски. Ни доаѓаат амбасадорот Никола Димитров, кошаркари и фудбалери од Македонија и македонските студенти што студираат во Холандија. Свири само македонска музика – вели тој. Додава дека е успех да се опстане 31 година на Запад.

Од пред два месеца македонски национален ресторан има и во Загреб. Се вика „Оро“. Газдата е Хрват, вљубеник во Македонија, а гостите домаќински ги пречекува неговиот партнер – готвачот Kиро Ристовски од Скопје. Имаат група од Битола која свири македонска музика.

Со Ристовски разговаравме додека се подготвуваше да гостува на една хрватска телевизија во емисија за храна и национална музика. Ни кажа дека е мајстор за турлитава, вардарско грне, пинџур и лутеница, шарпланински двојник, баклава…Сите што биле во Македонија сакаат накратко да се присетат на нашата земја. Тие што не дошле, велат нашите соговорници, сигурно добиваат желба да ја посетат Македонија.