Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги демантира тврдењата на Русија дека мнозинството во македонскиот парламент е обезбедено со уцени и закани од САД.
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги смета наводите во коментарот како целосно неосновани и невистинити, изнесени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за Република Македонија и за сите нејзини граѓани.
Пратениците во Собранието на Република Македонија, со целосно почитување на сите демократски принципи и предвидената парламентарна процедура, донесоа одлука која ги рефлектира децениските заложби на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, како стратешки приоритети за кои постои најширок можен општествен консензус, а што добро им е познато и на нашите руски пријатели“ се наведува во реакцијата на МНР.