Југославија во мало во Парис: Скопјанецот Зоран ги собира Србите, Хрватите, Македонците во своите локали

0

Зоран Минчев е од Скопје, а во Парис е отиден пред многу години, заедно со својата сопруга, во подобар живот. Тој денес е успешен бизнисмен и се согласи за нашиот портал да ја раскаже својата приказна.

-Па вака, во Парис заминав пред петнаесеттина години. Не дека ми беше нешто многу лошо во Македонија, но сакам предизвици. Во Скопје поседував работилница, мало производство за колачи, кои се дистрибуираа низ продавниците. Одеше добро, но знаете како е кај нас со наплатата…

Истиот бизнис, заедно со сопругата го продолживме и овде во Франција. Почетоците беа навистина тешки. Најпрво работевме за други, се мачевме, но бевме упорни во својата намера и успеавме. Создадовме сопствен бизнис со кој се гордееме.

Колку дуќани поседувате во моментов и какви услуги им давате на потрошувачите?

-Во моментов поседувам четири дуќани, “Код два близанца”, во кои се продаваат производи од екс Југословенските простори. Па така, во нашите продавници можете да се снабдите со македонски ајвар, српска пршута, ракија, пиво, вино и многу други производи од нашите простори. Исто така, подготвуваме и свадбени веселби, односно, на младоженците им ги правиме тортите, а секако, правиме кетеринг и за секакви други веселби.

Поседувам печињара за јагниња, јариња и прасиња, сето тоа се подготвува на жар, муштериите се презадоволни. Несмеам да ги заборавам и прекрасните пити и производи од тесто кои ги приготвуваме.

Зоран, како живеете приватно, каков е животот во Франција?

-Па морам да му се заблагодарам на Бог, што ни дари две прекрасни машки дечиња, близнаци кои се родија овде во Парис. Тие се центарот на нашиот свет и поради нив создаваме и имаме мотив за уште поголем успех. Секако, не изостануваат и дружбите со нашите пријатели, сонародници од татковината, од останатите држави на поранешна Југославија, но и целиот Балкан. Овде покрај Срби, Хрвати, Босанци, има и Романци, Бугари, ма ние сме Југославија и Балкан во мало.

Нашите локали се сврталиште за сите нив и место каде можат да си направат два реда муабет со своите сонародници, нешто што е многу потребно кога си во туѓина, далеку од најблиските и оптоварен од стресот кој го носи секојдневниот живот и работата.

Зоран, ти благодариме што го сподели вашиот живот со нашите читатели и ти посакуваме Бог да ви дава многу здравје и уште поголем успех.

-Ви благодарам и јас за отстапениот простор и ви испраќам поздрави од преубавиот Парис.

Петар Попоски

Претходна статијаУапсени Будисти на Шар Планина, се шетале по сандали и одбиле да се сместат во хотел
Следна статијаПознат новиот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ