За плата од 500 до 700 евра месечно би се вратиле иселениците во Македонија! Ова го покажа научното истражување во рамки на проектот „Јас сакам да се вратам“ што го реализираа невладините „Надеж“ од М. Каменица, „Амброзија“ од Пехчево и „КХАМ“ од Делчево со поддршка на Цивика мобилитас.
Влатко Ситновски, од НВО „Надеж“ и координатор на проектот истакна дека целта на овој проект во кој биле вклучени и 20 истражувачи од регионот на М Каменица, Делчево и Пехчево, е да се направи едно релевантно научно истражување со цел да се добијат податоци за мерките кои треба да ги преземат општините со цел да се овозможи реинтеграција на иселениците.
– Главна причина за иселувањето се ниските плати и неможноста да најде соодветна работа. Исто така, иселениците истакнаа дека не се доволно запознати со мерките за вработување на АВРМ, истакна Ситновски, во изјава за Вечер.
Тој додаде дека во препораките е посебно потенцирана изработката на стратегии за унапредување на животот на младите, од општините, државните институции и бизнис-секторот е потребно конкретно крирање нови работни места, развој на малите и средни преторијатија, креирање фондови за „стенд ап“ бизниси, подобрување на условите з а работа и достојни месечни приходи.
Истражувањето се спроведе во трите општини Делчево, Пехчево и М Каменица, каде иселувањето е заеднички именител, но, сликата и потребите на луѓето се разликуваат од една до друга општина, потенцираше Зоран Биковски од НВО „Кхам“.
– Ситуацијата е најкомплицирана во Делчево, бидејќи овде нема некој поголем економски капацитет и нема отворање нови индустриски капацитети. Ние како коалиција ги дадовме нашите предлози до работната група на АВРМ овде да се субвенционира отворањето на работните места со плус 30 отсто.
Потенцираме уште еднаш, за младите бидејќи токму оваа 2018 година ќе биде активирана младинската гаранција и одвоени ќе бидат дополнителни средства од државата.
Доколку биде добро изменаџирана со тимовите на ЛЕР на општините, ќе се создадат услови младите да не размислуваат за заминување од државата туку за подобрување на квалитетот на животот овде, рече Биковски.