Рече Господ во приказна: „На некој богат човек нивата му беше родила многу и мислеше во себе, велејќи: ’Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои‘. Па рече: ’Вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘“ (Лука 12, 16–19).
Начинот на кој богатиот размислува е верен опис на менталното и душевно заболување – растројство на личноста, односно на начинот на кој размислува и дејствува еден социопат. Во неговите мисли и чувства нема место за оние што страдаат од немаштија и од други телесни и душевни страдања, туку само за себе и за своето добро.
Целиот наш живот е дар Божји. Така, и сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар. Исто така, и богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромасите со своето богатство и на тој начин Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар.
Кога луѓето би ги препознавале даровите Божји и нивната цел, и кога со смирение и благодарност би се однесувале кон нив, даровите Божји би служеле како средство за надградување и остварување на нашата заедница во Богочовекот Христос – која е нашиот најголем дар Божји, а во Него и меѓу себе; и би служеле како средство за наше спасение.
Со други зборови, само на тој начин можеме да Му благодариме на Бог, кога Неговите дарови повторно Нему Му ги принесуваме: „Твои дарови од Твоите, на Тебе Ти ги принесуваме за сите и за сè“. Делотворниот однос на благодарењето од севкупниот наш живот лично-соборно се исполнува со нашето учество во Светата Евхаристија (Благодарење) на Црквата Божја. Така, никој не може да се нарече богат, односно подобен на Бог, без да ги збогатува и другите околу себе – пред сѐ, во духовна, но – по потреба, и во материјална смисла на зборот.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум