Николовски: Признавањето на МПЦ е завршена работа – Вранишковци тоа го знаат и сега бараат ,,ухлебие”

0

Познатиот новинар на Сител Марјан Николовски, кој воедно е сопственик на порталот religija.mk важи за еден од најдобрите познавачи на црковните работи меѓу новинарите.

Тој во своја колумна на порталот Религија, информира за одбивањето на еден од епископите на црквата на Вранишковски, Давид Нинов да дебатира со него и тоа по втор пат. Николовски истовремено ги изнесува неговите најнови информации, според кои, прашањето за решавање на спорот СПЦ-МПЦ е затворена тема и тоа наскоро ќе биде соопштено.

,,…Ова го пишувам за да не остане некажано, особено што се случува по вторпат. Првиот обид за дебата го направи Горан Момировски на Алфа, пред две години чинам, исто Нинов одби да дојде.

Но, како и да е… Ќе биде интересно… – си велам. И бидна… Иако удостоен и испочитуван да избира соговорник, епископот на ПОА, одлучи уште на самиот старт да одржи теолошко-книжевно-новинарска лекција, првин на домаќинот, па на гостинот и експресно да заклучи во првите пет минути дека сѐ што ќе кажат другите различно од него е „кумровачка школа“ … И бидна што бидна….

Сега малку за суштината. Од целото излагање на Нинов, јас како човек од надвор кој нели “не го живее“ единството на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, што би рекол мудриот епископ, или да преведам што сака да каже – еретик… Е како таков, јас ѕиркајќи во тоа што тој го зборува успеав да видам, дека прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА, не само што е во процедура, туку веројатно веќе е и решено во рамки на Вселенската Патријаршија…

И што е уште поинтересно, тоа решение го знае и Нинов, а логично и СПЦ и ПОА. А, тоа решение за несреќа на СПЦ, а за радост на вистината на Православната Црква ќе подразбира автокефалност на МПЦ-ОА и конечно ослободување од духовниот јарем на српската црковна власт во Македонија. Гледајќи го Нинов сфатив дека тој и не е толку загрижен што МПЦ-ОА ќе добие признавање, туку тој да ти бил загрижен дали МПЦ-ОА имала доволно епархии и за епископите на ПОА, па отвора дилема за тоа како МПЦ-ОА и ПОА ќе се договореле во меѓусебните разговори… Хммм…

Добро е конечно што владиците на Врнишковски се приземјиле и разбрале дека тие не се решението за црковниот проблем во Македонија, иако 18 години се обидуваа тоа да го докажат и овде и пред останатите православни цркви.

Но, не е добро што не разбрале дека тие не се воопшто фактор ниту за решение, ниту за разговори, туку чир, или диво месо на црковното ткиво во Македонија, смислено и растено од нивниот духовен ментор Иринеј Буловиќ, нешто на што се противеше и сега покојниот Руски Патријарх Алексеј, кога СПЦ ја промовираше ПОА како решение, а излезе како парацрковна структура.

Впрочем, за каков фактор важи ПОА, покажува и составот на делегацијата на СПЦ која замина на „забавата“ кај Ерусалимскиот патријарх во Аман-Јордан. Нинов вели претставници на ПОА немало, затоа што биле зафатени… Што работа имале? Да дебатираат по телевизии… Ако Давид како епископ на ПОА не знае, Јован како Архиепископ сигурно знае дека со тоа што на овој Собор во Аман, нема претставник на ПОА, СПЦ директно ги крши Нишкиот Договор.

Но, тоа секако е внатрешен проблем на СПЦ. Јас не би де грижел многу околу тоа… Чисто само да им посочам. Е, сега.. да се вратиме на суштината. Тоа што Нинов се обидува да го наметне како некаков процес на разговори меѓу ПОА и МПЦ-ОА, или како што вели тој: „Ние сме тука заедно и мора да разговараме, сами да се договориме“ , со вистински зборови се вика „хируршка интервенција на туѓо тело“.

Што во превод значи, да се најде чаре и за ПОА… Но, ПОА не е проблем на МПЦ-ОА, ПОА сега, а и секогаш била и е проблем на СПЦ. Дијагнозата на тој проблем е јасна. Терапијата ќе биде иста како и во Украина, каде што на Онуфиј му беше понудено да биде дел од обединувањето . Таа понуда ќе ја добие и Врнишковски, а негово право е да избере… да биде дел од автокефалната Охридска Архиепископија –Јустинијана Прима (МПЦ-ОА), или да си остане со СПЦ.

Но, се ми се чини дека неговиот избор нема да биде воопшто важен, затоа што изборот да го одбијат тоа што ќе го добијат како понуда, ќе го направи Црковна Москва, и тоа поради своите интереси. Или да преведам, ПОА ќе остане предмет на дворските игри, а тоа секому во православниот свет му е јасно.

Во случај сепак да одберат да бидат дел процесот на решение на проблемот, во ПОА многу добро знаат дека никој нема да оди кај нив, туку тие ќе треба да се вратат во МПЦ-ОА. И да можеби ќе добијат и епархии… Еден ден… Но, патот до епархијата води преку манастир. А, таму секогаш има добра можност и доста време за покајание, особено за духовната заблуда направена кон овој народ.

Еве на пример манастирот во Матејче… Одлично место и можност да се почне со неговата духовна обнова. Ред молитва, ред духовно покајание, ред активности за неговово средување… Лека-полека, се стасува до епархија…”

Целата колумна прочитајте ја на порталот religija.mk

Претходна статија(ВИДЕО) Гоце ја напушти Америка за да се врати во Македонија и за тоа не зажали
Следна статијаБогојески бара од Апасиев да му одговори на 15 прашања бидејќи синоќа тоа не го направил