По минатогодишната пауза предизвикана од ковид-19 пандемијата, годинава се одржа 47. издание на манифестацијата „Галичка свадба“.
Гости од земјава и странство викендов дојдоа во живописниот Галичник за да ги проследат традиционалните обичаи и адети со автентични носии, изворни песни и ора, карактеристични за мијачкиот фолклор..
Манифестацијата „Галичка свадба“ со своето опстојување придонесува да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија, изработена со филигрантска прецизност и точност на терзиите.
Oфицијалниот почеток на годинешната Галичка свадба беше означен вчера со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот, a свеченоста заврши денеска со испраќањето на тајфата Мајовци.
Гостин денес во Галичник беше и американската амбасадорка Кејт Брнз. Од Американската амбасада споделија фотографии од посетата.
Претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваа на Галичката свадба.
-Зурлите и тапаните денеска повторно ечеа во Галичник. Илјадници посетители ја продолжуваат традицијата на Галичка свадба.
Нека е вечна љубовта на Катерина Илиевска и Филип Бундовски, овогодинешните невеста и зет, напиша претседателот Пендаровски на фејсбук.
Честитајќи го склучувањето на бракот на годинашните младенци, Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник, претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска им подарија „галичка пафта“ со мотив од галичка носија..
Тие воедно им посакаа долговечен и хармоничен заеднички живот исполнет со многу љубов, здравје и среќа.