Со обработени 89,14 проценти од гласовите на парламентарните избори во Бугарија, коалицијата ГЕРБ-СДС има добиено 24,01 проценти од гласовите, објави Централната изборна комисија на Бугарија.
Политичката партија „Има таков народ“ (ИТН) има 23,48 проценти од гласовите; „БСП за Бугарија“ – 13,65 проценти, „Демократска Бугарија“ – 12,60 проценти; Движење за права и слободи – 10,61 проценти; „Исправи се! Мафијата надвор!” – 5,04 проценти.
По области, ИТН добива помеѓу 9,04 и 32,74 отсто, со највисок резултат во Плевен. ГЕРБ помеѓу 18 и 33 отсто, а во Габрово, Ќустендил и Перник се највисоки.
ДБ добива помеѓу 4,42 и 33,06 отсто гласови, со најголема поддршка во градот Софија.
Излезноста во 16 часот била 27,20 отсто.
Најобразованите луѓе во Бугарија ја избираат ГЕРБ, Демократска Бугарија и „Има таков народ“ . Според возраста, младите гласачи на возраст меѓу 18 и 30 години најчесто гласале од ИТН. Жените претпочитаат ГЕРБ-СДС и БСП. ДБ е поддржана претежно во главниот град.
За новинската агенција Ројтерс, предвремените парламентарни избори, одржани на 11 јули во Бугарија, завршија без јасен победник додека пак АФП наведува дека гласачите вчераја казнија партијата на премиерот Бојко Борисов,
обезбедувајќи победа на новата, предводена од Слави Трифонов, партија. Тие гласаа масовно за оваа и за сличните антисистемски партии. АФП во својата анализа го нагласува гласот на протестот.
Коалицијата Бугарски патриоти, предводена од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, на вчерашните парламентарни избори во Бугарија освои 3,2 отсто од гласовите и не успеа да го надмине прагот од 4 отсто за влез во собранието.
Коалицијата на Каракачанов, кој беше вицепремиер и министер за одбрана во последната влада на Бојко Борисов, не помина нешто подобро ниту на гласањето во дијаспората, освен во Македонија, каде што победи убедливо со 37,21 отсто.
Сепак, тоа се само 96 гласа, според првичните неофицијални резултати на бугарската Централна изборна комисија.
Второпласирана на гласањето во Македонија е ГЕРБ на Борисов со 24,03 отсто, или 62 гласа. Партијата Има таков народ на Слави Трифонов, која победи убедливо речиси секаде во дијаспората, во Македонија освои само 8,53 отсто, или 22 гласа.
И повторените парламентарни избори во Бугарија вчера не успеаја да донесат јасен победник, па повторно ќе оди тешко формирање влада. ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов се израмнети на околу 24 отсто, а третопласирана е БСП со околу 13 отсто.
На партиите на протестот, како што ги нарекуваат Има таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се, мафијата надвор ќе им недостасуваат 5-10 пратенички места за да формираат влада. Од друга страна, речиси е невозможна коалиција на ГЕРБ и БСП.