Младиот Дамјан Давков од Штип, кому Министерството за наука и образование не му додели награда и признание кога победи на средношколски натпревар, бидејќи тој бил осмооделенец, а се натпреварувал во „лига на средношколци“, сега освои злато на Јуниорската балканска математичка олимпијада – ЈБМО, чиј домаќин беше Молдавија. Оваа радосна вест ја сподели Никица Давкова, мајката на младиот Дамјан Давков.
„Осмоодделенецот Дамјан Давков освои злато, Алексиј Тасиќ сребро, Бранко Јангеловски и Леонид Тодороски бронза на Јуниорска балканска математичка олимпијада (ЈБМО) чиј формален домаќин беше Кишињев, Молдавија..
Во нашиот тим членуваа и Миша Веселински и Михаела Смилевска, под лидерство на професорите Делчо Лешковски и Борче Јошевски (заменик-лидер). Набљудувач на нашиот тим беше проф. Д-р Ѓорѓи Марковски..
Нашата екипа се натпреваруваше виртуелно во просториите на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Нашето учество го организираше Сојузот на Математичари на Македонија“, напиша на фејсбук Никица Давкова.
Како што е познато, ова талентирано дете и врвен математичар, на почетокот на годинава освои прво место на државен натпревар по математика, а од МОН не му ја доделија паричната награда, со образложение дека не му следува бидејќи е ученик во основно, а таа награда се доделувала на ученци од среднои образование.
Решението дека е одбиен за доделување на парична награда, која изнесуваше околу 10.000 денари, бидејќи не ги исполнувал условите, односно бил помлад од останатите учесници, беше потпишано од министерката за образование Мила Царовска.
Тогаш мајката на Дамјан Давков тврдеше дека не е аргумент искажаното на министерката за образование и наука Мила Царовска дека виновен е Сојузот на математичари на Македонија што го испратиле осмооделенецот да се натпреварува со средношколци.
„Внимателно го прочитав официјалното соопштение на МОН и јасно беше на што алудира Министерката.
Вината да се префрли на СММ затоа што дозволиле ученикот да учествува. Не е точно дека на натпреварите за средно може да учествуваат САМО ученици од средно. Зборот САМО го нема. Јасно е и зошто. Тоа би бил апсурд.
Имено, секој што е во образование знае (би требало да знае) дека како и во спортот, така и во науката никаде во светот не е забрането помал ученик да учествува во категорија со поголеми ученици. Инаку, на Светската олимпијада по математика – ИМО најмладиот учесник имал 11 години (можеби имало и помал).
На ИМО 2020 Дамјан и уште 2-3 деца со 12 години беа најмалите учесници, а Дамјан е најмалиот учесник од Македонија што учествувал на ИМО. За да биде дел од тимот ученикот треба да ги помине сите натпревари, општински, регионален и државен за учениците од средно образование, како и селекциониот натпревар за Светската олимпијада.
Што се однесува до тоа општината да исплати награда, воопшто нема никаква поврзаност со наградата од Државниот натпревар и затоа нема потреба од такво нешто. Си има кога општината да награди. Не сега, не вака“, објави тогаш Никица Давкова, а пренесе Фактор.
Денес, Министерката за Образование Мила Царовска, на својот профил на социјалните мрежи му го честиташе успехот на Давков и обзнани што ќе добие од Министерството за Образование и наука:
„Упатувам најискрени честитки до ученикот, Дамјан Давков, до неговото семејство и до наставниците и менторите за подготовката и за постигнатите високи резултати на натпреварите и им посакувам уште поголеми успеси во иднина.
Министерството за образование и наука на ученикот Давков ќе му додели две парични награди за освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада, одржани во текот на 2020 година.
Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок потенцијал кај учениците со кој ќе се обезбеди подобра иднина за општеството.
Ги охрабрувам учениците да го следат примерот на Давков, затоа што МОН го препознава и го вреднува нивниот труд и знаења“, напиша Царовска на фејсбук.