Трифун Костовски со свој став околу неделниот собир:
„Почитувани пријатели, Би сакал да го изразам своето мислење поврзано со протестите поврзани со упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Во историјата на човештвото, сведочиме на многу појави кои во основа го кршеле законот, меѓутоа револтот бил насочен кон барање ПРАВДА.
За жал денеска живееме во општество каде мораме да ги разликуваме поимите правда и праведност. Секој политичар којшто не е во состојба да го почувствува пулсот на народот, по мене треба да си замине од политичката сцена.
Чинот што се случи на 27 април 2017 година, согласно позитивните законски прописи не беше демократски.
Меѓутоа кога подлабоко ќе се навлезе во генезата за таквите настани, доаѓам до заклучок дека некои работи мора да излезат вон законот со цел да кажеме стоп на девијантните појави коишто перманентно се случуваат во нашето општествено живеење веќе 3 децении.
Далеку од тоа дека сакам да бидам судија за тоа што се случи 27 април 2017 година, меѓутоа моето внатрешно чувство за праведност ми вели дека за многу работи коишто секојдневно ги доживуваме и преживуваме мора да се појават и во форма што не е пропишана со закон.
Во христијанството постои зборот „прочка“, симболиката на овој празник е токму поентата каде со простување можеме да тргнеме напред. На социјалните мрежи читам текстови од поддржувачи на актуелната власт и поддржувачи на овие протести.
Игор Дурловски еминентен оперски пејач и човек со доблести многу јасно го искажа својот збор и својата мисла. Пораката на мојот став е да се најде начин за помирување.
Сите ние, граѓаните на оваа држава ја делиме истата судбина, а сакаме да станеме држава која ќе биде просперитетна и каде граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, со цел да овозможиме нормален развој на индивидуално и општествено ниво.
Го поддржувам протестот, бидејќи истиот не го доживувам само како протест за случувањата од 27 април 2017 година, туку го чувствувам како многу подлабоко нагризување на слободите и просперитетот на нашите сограѓани.
Симболиката на протестот ја гледам дека граѓаните на Република Македонија бараат правда, правдина и просперитет. Не сакам да бидам сведок на реваншистички дела кои можат да се појават како нуспроизвод при промена на актуелната политичка структура.
Сакам просперитет на државата, а во предвечерјето на Велигденските празници повторно ќе го употребам зборот прочка во којшто проштевањето е доблест која треба да ја негуваме секојдневно.
Слободата по вокација бара обврски, меѓутоа и права. Основното базично право кое јас го доживувам како човек е да проштевам.
Проштевањето е во интерес да си ја сочуваме нашата татковина, бидејќи заедно ќе бидеме посилни и поспремни за секој предизвик кој ќе ни се појави во нашиот натамошен развој.
Македонија ни е единствена татковина и на тие што судат и на тие што се осудени. Време е да пораснеме и да извлечеме поуки како треба да ја градиме нашава држава, а заедно со неа и нашата иднина.