Професорот Ѓорѓи Спасов, со своја анализа на случувањата, односно недоразбирањата меѓу Премиерот Зоран Заев и директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски:
„Пуштил ли Стојко рогови? Јас не мислам така. Господинот Стојко Пауновски во овие месеци на криза беше на чело на една важна институција која покажуваше добри резултати.
Сега се слуша дека ќе бил разрешен заради “непослушност” кон хиерариски повисоко поставените од него.
Не сакал да почитува наредба за вработување на некомпетентни лица во институцијата на чие чело се наоѓа а за чија стручност и ефикасност носи одговорност.
Од тие 35 што му се предложени за вработување (од редот на рамковните) во неговиот инспекторат вели дека само 12 ги исполнуваат елементарните критериуми за работа во државниот инспекторат што го води и дека за другите што му ги нудат сосе плати нема потреба.
Очигледно му рекле дека за тоа колку ќе прими од понудените 35 нема простор да разговара и дека треба само да ја спроведе одлуката, за владата да покаже решавање на еден проблем со лица кои седат дома и примаат плата.
Водејќи се од својата проценка дека тие 23 лица, кои немаат ниту соответно образование за во државниот инспекторат, ќе бидат повеќе штетни да доаѓаат на работа во Инспекторатот и тука да си ја земаат платата отколку да останат дома или да им се најде друго решение.
Пауновски јавно се осмелува да каже дека нема да ја почитува таа одлука на владата дури и по цена да биде разрешен од функцијата.
Таа негова јавна изјава се доживува како голема навреда од повисоките во хиерархијата на власта и тој вистина е соочен со разрешување од функцијата. Но која е неговата грешка?
Тој рекол дека сака да ја зачува професионалноста и ефикасноста на Инспекторатот дури и по цена на негово разрешување. Најавил непочитување на одлука на влада затоа што сметал дека со таа одлука може би се решава еден проблем но се создава друг уште посериозен.
На сите им е јасно дека тие 23 недоволно квалификувани лица за во државниот инспекторат можел да ги прими со платите што и така им ги обезбедува владата и да ги смести по некои пренатрупани канцеларии во кои ќе немаат работа.
Но Стојко сметал дека со тоа ќе се поремети можеби работата дисциплината и чуството на еднаква ангажираност во Инспекторатот. И затоа се спротиставил. Прашањето е сега што ќе се добие со неговото разрешување и дисциплинирање и каква порака ќе се прати.
Дали пораката е дека никој не смее да им се спротиставува и на најбизарните решенија на владата. И дали таа ќе ги наградува само послушните а ќе ги казнува одговорните и совесните.
Тој модел на дисциплинирање тешко може да се брани и оправда затоа што е во спротивност со она што се бара од раководителите на разни оддели во јавната администрација и со етичкиот кодекс во јавната администрација.
Наредбата ако е во спротивност со личното уверување и со совеста дека со неа му се прави штета на општеството е подобро да не се почитува отколку да ве гризи совеста.
Некои службеници во претходната влада и администрација што постапуваа строго по наредби, не побегнаа од одговорноста кога подоцна се утврди дека со извршувањето наредби направиле штета.
Затоа треба добро да се процени дали овој вид отпор или “пркос” на Стојко Пауновски е само личен хир од некои непознати причини или е сосема оправдан и ќе биде жр тва на нечија поврдена суета и на лошото толкување за задолжителното почитување на хиерархијата во јавната администрација.
Па до вчера правевме мајтап со ВМРО кое вработуваше масовно лица во ЈП Македонски шуми па потоа ги прераспоредуваше во Опера Театар и други буџетски институции.“