Заканата од бразилскиот сој е реална. Такви закани ќе има – мораме да бидеме свесни – сѐ почесто и во иднина, од многу веројатни, нови мутанти на актуелниов вирус, но и од сосема други вируси. Зошто?
Прво, заради тоа што РНК вирусите се нестабилни, заради што се многу склони кон мутации, кои претставуваат адаптационен механизам во нивната борба за опстанок.
Второ, заради наша вина. Заради тоа што ние, луѓето, им го загрозуваме сѐ повеќе опстанокот.
Како? Активности како уништувањето на шумите, населувањето, рударството и градењето на транспортната инфраструктура доведуваат до поблиска интеракција помеѓу патогени микроорганизми и човечките популации, олеснувајќи го трансферот на вируси помеѓу животните и луѓето.
Докажано е дека 71,3% од новите заразни болести, како што е КОВИД-19, се пренеле на луѓето од дивиот свет, а бројот со текот на времето значително ќе се зголеми.
Интензивното земјоделско производство, исто така, има доведено до повисоки нивоа на интеракција помеѓу дивите микроорганизми и добитокот, повторно зголемувајќи ја веројатноста за трансфер од животните на луѓето.
Трговијата со диви животни е сѐ почеста, доведувајќи ги луѓето во сè поблизок контакт со животни, повторно олеснувајќи го прелевањето на вируси врз луѓето.
Што да се прави?
За да не бидеме затечени, прв приоритет на државатa мора да биде воспоставување на систем за брзо реагирање, со веќе разработени акциски планови за промптно активирање на сите релевантни „играчи“.
Тука најважна улога мора да има системот на јавното здравје (public health) – мрежата на превентивно-медицински установи!
Тоа подразбира унапредување на регионалните центри за јавно здравје (10 на број) и Институтот за јавно здравје:
1. Епидемиолошки сегмент
а. Обезбедување на најсовремена електронска опрема за следење на контакти и соодветна обука на епидемиолозите за водење на епидемиолошки анкети според најновите доктрини и користење на математичко-епидемиолошки и статистички методи, унифицирани со оние на светските центри, а со цел за анализа на релевантни епидемиолошки параметри, заради следење на развојот на епидемиолошката ситуација на општинско, регионално и државно ниво;
б. Обезбедување на кадровски ресурси – епидемиолози, медицински информатичари и статистичари и здравстени техничари, за да се обезбеди масовно спроведување на епидемиолошки анкети и анализа на собраните податоци.
2. Микробиолошки сегмент
а. Снабдување на микробиолошките лаборатории во секој регионален центар и Институтот за јавно здравје со софистицирана опрема за вирусолошко тестирање – за идентификација на вируси, како и за секвенционирање на вирусниот геном, заради неопходноста за што порано идентификување на појава на веќе познати и евентуално нови вирусни мутации;
б. Обезбедување на кадровски ресурси – микробиолози (вирусолози), здравствени техничари, за да се обезбеди изработка на голем број тестирања и интерпретација на резултатите.
3. Зајакнување на менаџерските капацитети на Центарот за управување со кризи преку обезбедување на експертски кадри – особено во доменот на кризниот менаџмент.
4. Воспоставување на единствен информатички систем во кој ќе бидат вмрежени Мрежата на јавноздравствени установи, Универзитетите и други научни институции (МАНУ), но и релевантните министерста и владини агенции – пред сѐ, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и Владата, а со цел за брза размена на релевантни информации, овозможување на брзо носење одлуки и нивно ефикасно спроведување.
5. За реализација на посочените обврски, неопходни ќе бидат измени и дополнувања на постоечките закони што ја регулираат оваа проблематика: Законот за здравствена заштита, Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за евиденции во здравствената дејност. Најитно да се донесе Законот за превентивна медицинска дејност!
Само со изготвување на НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА за менаџирање со биолошки закани и детални акциски планови (конкретни задачи) на сите нивоа – индивидуално (секој граѓанин), секоја установа (фабрика, претпријатие, училиште итн.), општинско, регионално и државно, ќе може да се пречека и сузбие секоја идна (многу веројатна) масовна закана по здравјето на граѓаните.
За да не се импровизира, нели?
Извор: Доктори.мк