Статус на проф. д-р Драган Даниловски: НЕМА НАЗАД!
„Се наоѓаме во фаза спроти епилогот на пандемијава, голгота подолга од година дена, на која едвај ѝ се наѕира крајот – барем кај нас.
Луѓето се очајни, одделени од своите најблиски во болниците или во изолација дома. Во моменти на егзистенцијална опасност, ние инстинктивно посакуваме да бидеме до семејството и пријателите – но сега, секој физички контакт – секој израз на љубезност и сочувство – може да донесе некому болест и см рт. Но, дали е тоа баш така?
Пандемијата ни влепи шлаканица: Ако толку сме биле приврзани со семејството, зошто покажавме толку малку грижа за своите ближни? Од каде толку егоизам? Каде е вината? Во институциите на системот? Во лошото образование? Веројатно делумно, да!
Основна клетка во општествениот организам е семејството. Во нашево општество таа клетка се покажа дека е само форма без содржина!
А нефункционални клетки значат и нефункционална целина. Едноставна вистина!
Пандемијата ни покажа колку страшно сме си го арчеле животот, преокупирани со бесконечни битки за богатство, статус, моќ.
Живот со искривоколчен систем на вредности… Осамна суровата вистина за општеството наше модерно – дека тоа е само „ментален концепт, а дека реалниот свет е свет на индивидуалци“ (Оскар Вајлд)… А јас би додал – свет на егоисти, социопати и психопати – свет на очајни осаменици.
Пандемијата ни покажа колку е страшно да си сам. И очајнички да се обидуваш да не бидеш сам. Ама не во семејството, туку во некакви сурогати/супститути на семејство – журки, седенки, секојдневни средби со „друштвото“, по кафеани… за да си заминеш уште поосамен… и попразен. И погневен.
Што, пак, резултира(ше) со влошување на заканите по здравјето – индивидуалното и колективното – во актуелнава ситуација. Заради што на секој чекор сведочиме за десетици изгубени животи…
А тоа, пак, раѓа уште поголема несигурност… и уште пожестоки обиди да се „пикне главата в песок“. И да се глуми безгрижност… И така влеговме во мор бидна спирала – circulus viciosus…
Многумина се свртеа кон социјалните мрежи – за дружба, но и за стручен совет – во услови на пренатрупан здравствен систем. Се формираа групи за размена на искуства, за совети. Се создаде еден виртуелен свет на социјални контакти, место за дружба!
Колку и да е неприфатливо од стручен и етички аспект медицински совети да се даваат на далечина, многумина од нас докторите се обидуваме да излеземе во пресрет на многумина граѓани – секој од нас во рамките на својата експертиза.
Ама, не само тоа. На луѓето им треба и топол збор на поддршка, подадена рака… За полесно да им биде. И за да не се чувствуваат осамени. И напуштени… Особено последното.
Не сме се договарале претходно меѓусебно. Едноставно, спонтано – секој колку што му дозволува времето – го прифативме предизвикот. Десетици дневно се обраќаат и со приватни пораки… Едвај се наоѓа време да се отспие некој саат.
Знам дека исто си поминуваат и моите колеги Никола, Нико, Љиљана, Ненад, Ана… и многу други (нека не замерат што не можам сите да ги спомнам, ама јавноста ги знае).
Нема назад…
Дали граѓаните ги почитуваат советите? Да, без исклучок. Среќен сум заради тоа.
Знам дека современиве средства за комуникација – не само социјалните мрежи – ги користат и сите други колеги – особено матичните доктори.
Им оддавам признание, зашто, сите тие – вистинските херои на пандемијава (не само кај нас) – прифаќајќи да бидат еден вид надворешни членови на семејствата, потпорни столбови – играат улога на „пастири на своето стадо“, но и една друга – извонредно важна – улога на кохезиона сила, туткал, што цврсто ги спојува во целина сите камчиња на мозаикот наречен семејство – но и на здравствениот систем.
И по оваа катаклизма, во „денот потоа“, тие, матичните (и се разбира, сите други здравствени работници), ќе играат клучна улога во што побрзо закрепнување на секое семејство и на општеството во целина. Нема назад!“