Мицкоски: Некои политичари си поиграа со чувствата на дијаспората

0

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на македонската опозиција, Христијан Мицкоски синоќа во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека тие ќе го признаат само резидентното население во Македонија.

Тој вели дека она што го прави дијаспората сега е едноставно евидентирање.

„Затоа што се попишува, според Евростат, резидентното население. Тоа значи дека населението кое што во моментот се наоѓа во Македонија или 12 месеци наназад живеалиштето им било тука, во Македонија и не го одјавило своето живеалиште.

Дванаесет месеци и еден ден тоа значи дека не влегуваат во населението кое што е резидентно, односно населението кое што е тука и треба да се попишува“, посочува Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека населението кое што е во Македонија е резидентно население и токму тоа е статистичка база, додека пак населението кое е пријавено во друга држава е попишано во тие држави.

„Не можеме тоа население да го попишуваме 13 пати, се знае кое население се попишува“, порача Мицкоски.

Тој уште додаде дека некои политичари, чија улога е да тераат надворешна политика и да бараат вакцини по светот, ја искористиле својата позиција за да лобираат кај дијаспората да се попишува и со тоа да си подигаат рејтинг, но и да си играат со чувствата на тие луѓе, бидејќи на крајот на денот, резултатот ќе биде она што го пропишал Еуростат, а тоа е попис на резидентното население.

На ова веднаш реагираа политичари од албанските партии, кои не се согласуваат со ваквото толкување на Мицкоски.

-Дијаспората е нераздерлив дел од нашето општество, витален дел на економијата и општиот развој на земјата и таа се брои како во локалните и општински статистики и во овие државни и републички – вели Бујар Османи од ДУИ. Со него се согласува и неговиот сопартиец Артан Груби, кој изјави:

Фото: Јутјуб принтскрин

„Законот е јасен и нема никаква можност за двојни интерпретации. Дијаспората е дел од нас, се брои, е дел од општата популација и точка. Сите да се регистрираат. Се останато е ситна политичка пропаганда за моментални придобивки“.

Фото: Јутјуб принтскрин

Халил Снопче од Алијанса за Албанците, пак, изјави дека Заев и Мицкоски се натпреваруваат во триумфализмот над Албанците.

-Заев рече дека преку контрола на податоците ќе се избришат од пописот сите печалбари кои немаат државјанство.

Оваа изјава е во спротивност со Законот за попис бидејќи државјанството нема врска со попишувањето и според Законот се попишуваат сите без разлика дали имаат државјанство или не. Потоа излезе Мицкоски кој вели дека тие само ќе се евидентираат. И оваа изјава е противзаконска – рече Снопче.

Од друга страна, партијата Левица, која од почетокот на овој процес се залага за комплетно прекинување на пописот и менување на законското решение, вчера се огласи со соопштение:

„Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денес 1 април, 2021 година, до претседателот на Собранието на Република Македонија (РМ), поднесоа два амандмани на Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, којшто по скратена постапка беше поднесен од Владата на РМ, со цел пролонгирање на Пописот за месец септември.

Првиот амандман се однесува на Член 1, став (1), со кој се бара промена на зборовите „од 5 до 30 септември 2021 година“ со зборовите „1 до 21 април 2022 година“. Ова, имено беше и првичното барање на Левица откако ја започна својата кампања „Не отворам врата“.

Амандманот го предлагаме со цел заштита на јавното здравје, предвидено како уставна должност на секој граѓанин, почитување на нормативната хиерархија и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а во насока на почитување на препораките на Обединетите Нации – Департментот за статистика на ООН и Популациониот фонд на ОН.

Другиот амандман се однесува на Член 2 од Законот, којшто предлагаме да се замени со Членот: „(1) Со денот на влегување во сила на овој закон, престанува самопопишувањето на лицата – државјани на РМ, кои се на привремена работа, или престој во странство“;

(2) Државниот завод за статистика е должен да ја отстрани од својот веб сајт апликацијата за самопопишување на дијаспората“. Овој амандман го предлагаме со цел воедначување на применетата Методологија со препораките на Обединетите Нации и ЕУРОСТАТ.

Потсетуваме дека, Левица и понатаму ќе работи во полза на промена на целата нерегуларна и несоодветна методологија во Законот, којашто не е по ниту еден меѓународен стандард, туку само по стандардите на коалициониот партнер на СДСМ – ДУИ.

Како што соопштивме во нашето претходно соопштение денес, доколку не се донесе нов закон по сите меѓународни стандарди и со консензус на сите парламентарни партии, продолжуваме со нашата кампања, која е поддржана од народот.“

Претходна статијаМајката, и цел живот на грб да ја носиш, пак должен ќе ѝ останеш: Турунџиева со емотивна приказна
Следна статијаД-р Даниловски: Сакам да им оддадам признание на матичните доктори – НЕМА НАЗАД