Денес, македонската фудбалска репрезентација постигна историски успех. На колена пред нашите момци падна Германија, некогашниот светски првак во фудбал.
Досега најголем успех на Македонија, беше нерешениот исход со Англија на гости пред многу години. Но последните две години, под водство на селекторот Игор Ангеловски – Мрме, Горан Пандев и останатите, нашата фудбалска селекција се пласира и на Европско првенство кое ќе се одржи ова лето.
Честитки пристигаат од сите страни. Премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи напиша:
„Вечерва цела Европа виде дека македонскиот фудбал е европски и светски!
Честитки за нашите борци кои ни носат нови победи и нови подвизи.
Имаме победа над селекцијата на Германија на квалификациите за Светското првенство во Катар 2022.
Во овие тешки времиња, моментите на радост и гордост што македонските репрезентативци ни ги носат се потребни и добредојдени во секој дом.“
„Вечерва македонските срца чукаа со нашите фудбалски херои. Оваа грутка земја раѓала и ќе раѓа херои за победи.
Покажавте што е пркос и се изборивте за нашата гордост. Црвено жолтата татни. Македонија се сака со дела, со борба, со пркос и верба.
За кого, ако не за нашето сѐ, Македонија!!! Поклон до земја шампиони“, напиша лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Се огласи и поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски:
„Честитки за победата на македонските фудбалери против Германија на гостински терен.
Импонира победа во гости против повеќекратен светски и европски првак во фудбал, кој во светски рамки е познат по крајно посветена и квалитетна игра до последната секунда од секој натпревар.
Но повеќе од резултатот импресионира подобрата игра во тој дуел на македонските репрезентативци. Таа игра е гаранција дека ќе има и многу други успеси на овој тим.
Честитки за фудбалерите, стрелците, селекторот и неговата стратегија и целиот стручниот тим.
Честитки и за сите кои учествувале во изградбата на овие фудбалери од нивните најрани клубови и тренери па натаму и сите од фудбалската академија имајќи во обзир дека костурот на тимот се дел од првата генерација на фудбалската академија. Сите тие имаат причина да бидат горди со овие успеси. Но и сите граѓани на Македонија и дијаспората.“