Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, неуморно во текот на целата пандемија, прави анализи на официјалните бројки во врска со вирусот, кои ги објавуваат здравствените власти. Врз основа на статистички операции, тој повеќе пати успешно го предвидуваше движењето на пандемијата:
„23.03.2021. Ефективниот репродукционен број Rt (а со него и забрзувањето) последниве денови не расте и моментално како да се обидува да ја пробие долната линија од нагорниот коридор во којшто се движи веќе месец и пол (долната зелена линија на првиот дијаграм).
Доколку навистина пробие надолу, иако забрзувањето на дневните бројки се уште ќе постои, тоа ќе станува се помало додека не престане сосема (при Rt=1). Засега останува на сила претходната прогноза за пик во првите денови на април, под услов мерките да останат какви што се (ако воопшто можеме да ги сметаме за мерки или се обично замајување).
На дијаграмот на втората слика ги гледаме таканаречените десезонирани дневни бројки на нови случаи, од кои што е исклучено влијанието на денот во неделата и променливиот број на тестирања.
Се забележува дека дневниот број на случаи расте за околу 2% дневно, односно сегашните просечно 1.000 секој ден се зголемуваат за уште по 20. Ако забрзувањето поднамали и ова згоелмување ќе започне да опаѓа, па за 7-10 дена дневниот просек би требало да се максимира на околу 1.150 ±300 случаи на ден.
Доколку успееме да држиме чекор со бројот на тестирањата, веројатно ќе има денови и со 1.400-1.500 нови случаи.
Ако погледнеме крајно десно на вториот дијаграм, ќе забележиме дека вчера (во понеделникот) имавме големо натфрлање над очекуваниот дневен број, додека денеска (вторник) имаме потфрлање, односно компензација за натфрлањето.
Тоа е таканаречен статистички шум, односно остаток (резидуал) од трендовско-сезонската декомпозиција. Се на се, трендот на раст на дневните бројки засега изгледа стабилно нагорен и предвидлив, а дали ќе започне да растот да забавува, ќе зависи од погоре споменатото намалување на Rt во наредните денови.
Кај стапката на позитивни тестови, поточно нејзината 7-дневна подвижна средина (црвената линија на третиот дијаграм) како да гледаме први знаци на подзабавување на растот, иако се уште е прерано да се каже. Сопирањето на растот на оваа стапка ќе биде уште една потврда на врвот на бранот, но ајде да не прејудицираме пред време.
До тука беа неутралните, до благо позитивните вести. Загрижувачки сигнали ни упатува се поголемиот број на хоспитализирани, денеска дури 1.461, што претставува нов рекорд во македонските ковид-болници и натфрлање над претходниот рекорд дури за 30 пациенти (сината линија на четвртиот дијаграм).
Можеме да кажеме дека од денеска пловиме во непознати води, односно на неистражена територија. Се забележува извесно доцнење од околу 7 дена на бројот на хоспитализираните во однос на бројот на активните случаи (нормално не би требало да го има).
Сината линија е подесно од жолтата, а по 7 дена сината би требало да биде на висина од жолтата, односно ќе има потреба од околу 1.750 постели. Засега протокот на пациентите при влез во болниците (немам подобар израз од овој технички збор) е непречен, бидејќи веќе рутински се пополнуваат сите клиники (нервна, кожна, ОРЛ, нефрологија).
Но, тие имаат конечен капацитет и блиску сме до точката кога нема да можат да примат повеќе. Во Битола денеска се пополнал ковид-центарот (82 постели), но тоа не е роблем бидејќи цело одделение за ортопедија и физикална медицина е празно и може да прими нови пациенти.
Се чини дека модуларната болница во Битола нема ни да биде потребна во овој бран, освен ако не се распоредуваат пациенти од другите градови. Во Прилеп изгледа дека целата болница преминала во ковид-режим, како во есенскиот бран.
Во Штип исто така капацитетот (не сметајќи ја модуларната болница) е при крај. Сега сите надежи се полагаат во модуларните болници, останува да се надеваме дека ќе успеат да примат барем 250 нови пациенти.
Воопшто не моравме да дојдеме до оваа точка ако во јануари се заостреа мерките, се намалеше приливот на нови болни и се испразнеа болниците. Уште на 29 јануари прогнозата беше дека доаа нов бран и дека во него ќе влеземе со 600 болни, што е премногу.
Наредните 7-14 дена ќе бидат вистинскиот тест и трка со времето. Деновиве гледаме високи бројки на новохоспитализирани и многу малку, понекогаш нула испишани. Намалувањето го прават само упокоените.
Уште еднаш да кажеме: не постои толкав капацитет којшто не може да се пополни, ако населението не води сметка за своето однесување.“