Дали Заeв со право и се јавил на службеничката на граница – еве што вели одлуката на Владата

0

Вчера и денес одредени медиуми пишуваа за настанот во кој семејство кое влегло во државата, не било пуштано да го продолжи движењето, бидејќи бил започнат полицискиот час. Тогаш, патникот му се јавил на премиерот Заев и го замолил да интервенира, бидејќи во кола имал и мали деца.

Премиерот Зоран Заев, денес на прес конференција го потврди настанот:

-Точно е дека ноќта се јавив кај една полициска службеничка со прекрасен глас, бидејќи на ГП Деве Баир веќе имаше неколку возила кои беа влезени на наша територија и немаа право да мрднат оти влегле по 22 часот.

Ова го изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, откако новинарите побараа од него да објасни дали се точни тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тој лично ургирал кај граничарите за да бидат пропуштени неколку автомобили за време на полициски час.

– Ми се обрати граѓанин кој е од турска националност, а јас тој воопшто не го ни познавам. Тоа што го знаев е дека има дечиња во автомобилот и дека се заглавени на граничниот премин. Јас сум достапен за сите граѓани, па уште вечерта се консултирав и се распрашав дали имаме таква мерка.

Културно се обратив до службеничката и таа уредно забележала дека премиерот се јавил. Јас немам прекршено ниту една одредба, туку само сакав да им помогнам на луѓето. Јас всушност не се јавив кај полицајците, туку кај нашиот сограѓанин кој побара помош од мене.

Тој им соопшти на полицајците дека премиерот ги бара, а тие на почетокот не можеа да поверуваат. Мислам дека секој би го направил тоа, бидејќи се работеше за деца. Чесно постапив, а ако има нешто спорно, институциите слободно нека проверат, рече Заев.

Коментарите на социјалните мрежи беа во насока дека со овој потег, државата за едни е мајка, за други маќеа, но доколку се прочита соопштението од Владата за оваа мерка, ќе се види дека тие помислиле на вакви случаи:

„На денешната седница на Владата донесена е одлука за забрана за движење на населението и на возилата од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 22:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 10 март 2021 година (среда) до 22 март 2021 година (понеделник).

Одлуката за забрана за движење не важи за патниците коишто доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.

За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин.

Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштаат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.

Со заклучок на оваа седница на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.

За дополнителните исклучоците во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус КОВИД-19, во соработка со надлежните органи на државната управа.

Со оваа одлука на Владата се опфатени и сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од африканскиот континент кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе се упатуваат во 14 дневна домашна изолација (карантин).

За сите видови групни или индивидуални патувања, патниците од земјите од африканскиот континент кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе биде потпишувањето на Изјава за транзитирање.“

Скопскиот аеродром на 10. март, исто така информирал за новата владима мерка, но и за исклучокот за оние кои ќе слетаат на скопскиот и охридскиот аеродром, односно дозвола за движење, на патниците ќе им биде авионскиот билет:

„Според вчерашната Одлука на Влада, со која од 22 часот вечерва, 10-ти март, почнува полицискиот час, кој ќе трае од 22 часот навечер до 5 часот наутро, секој ден, во времетраење од две недели, до 22 март, сакаме да ве информираме дека согласно владината Одлука и известување: https://vlada.mk/node/24494, од забраната за движење се изземени патниците на двата меѓународни аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со тоа што како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти.“

Претходна статијаПомина низ многу тежок период и едвај се извади: Што прави сега ќерката на Мишо Ковач
Следна статијаАнтониа Гиговска се преполови и откри како тоа и успеало