Сашо Тасевски: Имам пријатели со 5к примања месечно чија врвна цел се напучени усти и нула достоинство

0

Актерот Сашо Тасевски е еден од оние кои ништо не премолчуваат. Тој е секојдневно активен на социјалните мрежи и ги критикува речиси сите случувања во општеството. Тасевски слично се однесуваше и во врме на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во денешниот статус, Сашо Тасевски се осврнува на фактот, како парите, однодно финансиската (не)сигурност, влијаат на однесувањето и приоритетите во животот на поединецот:

„Имам тука на профилот илјадници луѓе кои нејќат да се заморуваат со работи кои според нив, немаат никаква врска со нивните лични задоволства и удопства. Искрено ги разбирам.

Имале среќа да се добро ситуирани или нешто помалку, па фејсбукот или она инста им е само место за нивните фотки од убаво наместените станови, куќи, викендици, убавите коли, патувањата, скијањето во Боровец, Шапка или Гармишпартенкирхен.

Никогаш не споделуваат свои мисли, па нека се и за цвеќиња, само фотки. Ставаат фотки од егзотични острови и козметички салони каде лежат оптегнати и разголени со коктел или со напучени усни и паткини фаци.

Фотки од своите фитнес, зумба и јога сеанси и опсесии, фотки од бицепсите трицепсите и новата тетоважа. Фотка на новиот ролекс и новите најки од 20 илјади денари. Фотки од своите трпези, дома за слава, по скапи ресторани или обични кафани.

Фотки од веганската салата со дресинг од разни зрна, од сармите на баба Ковиљка. Фотки од шопинзите во Сити мол или од Космо во Солун. Милион фотки од пудлицата Прада, мачето Џани и папагалот Мики.

Тие живеат и не се замараат. Им се може, без иронија.Потполно одговараат на тезата на Рамбо Амадеус дека со пет илјади евра приход во месец луѓето разговараат само за одмори, шопинг одисеи и уживање. Го разбирам тоа.

Може и дека го немам тоа па затоа се замарам со работи кои ним им се чинат глупави и бесполезни.

Еве го Сашо, пак за политика, против власта, вечно незадоволен, против Заев, против пописот, против Албанците, против пе ер ите и пе ер -ската реформа на Мила, против Бугарите, против сите… Мора да се мрази и самиот себе.

Се е до перцепцијата што би рекол оној беден вицепремиер или што и да е.
Зошто и би се замарале ко мене. На тие луѓе им е дадено и си живеат без напорни мисли во главата. Тие уживаат.

Со политика се занимава плебсот, оние под шесто евра месечни приходи, што би рекол Рамбо. Што ми е важно дали некој ме нарекува Бугарин кој зборува бугарски јазик, иако не сум тоа.

Па што ако децата си ги попишам како Бугари или само граѓани без припадност на некој народ. И така тие ќе студираат во странство. Ќе бидат граѓани на светот.

Точно е, ќе бидат. И ќе возат исти скапи коли како нивните татковци и мајки, ќе прават селфија од исти егзотични острови, ќе вежбаат зумба и фитнес во спортска гардероба од две илјади евра, ќе имаат ролекс на зглобот, ќе се сликаат со нивните мајки со напучени усни или бицепси, ќе бидат вегани или јогија од бес или од препич.

И никогаш нема да разберат зошто нивните другарчиња Французи, Германци, Чеси, Руси, Англичани, на универзитетите во Париз, Берлин или Лондон, со сите удопства што ги имаат, стануваат на својата национална химна и ја пеат со солзи во очите.

Нема никогаш да разберат зошто толку жестоко меѓусебе се расправаат за историјата, во одбрана на својата нација традиција и култура. Ништо нема да сфатат.

Зашто кај нив дома, меѓу две селфија од ресторан и стаза за слалом, нивните родители никогаш не им зборувале за жртвите на предците, традициите, за ра -ните на дедо им што го добил во борба против Бугарите и ба -листите, за седумосминскиот такт, за Мисирков, за Сариевски и Васка, за Бадев и Пеце, за Петре и пирејот, за патриотизмот, достоинство и пркосот.

Можеби уште ви звучи глупаво сето ова. И јас самиот малку се осеќам глупо што го пишувам, ама и вашите деца еден ден, во оние силни паризи и берлини ќе се осеќаат уште поглупаво и збунето кога ќе бидат презрени од своите француски и германски другарчиња кога ќе сфатат дека седат со луѓе со напучени усни, без корени и достоинство и баш ги заболе за тоа.“

Претходна статијаСреќен роденден честити царе – ќе полнеше 73 години и пак немаше да бидеш стар
Следна статијаТатјана објави видео како Битолчани се веселат за 8. март – со ора со музики со сè