Вчерашните предвремени парламентарни избори, ќе останат запишани во историјата, како избори во кои Македонците ќе добијат можеби најмалку пратеници во парламентарниот состав.
Партиите на Албанците се апсолутни добитници на овие избори, бидејќи за разлика од пре четири години, кога имаа вкупно 20 пратеници во Парламентот, сега ќе имаат 28. Дуи освои 15, Алијанса на Албанците 12 и ДПА 1.
Ако на ова се додадат и Албанците кои станаат пратеници од коалицијата на СДСМ, се доаѓа до бројка од над 30, што е голема победа за оваа етничка заедница на овие избори.
Веќе почнуваат да се прават комбинаториките за состав на идната влада. ДУИ беа прилично тврди на својот став, дека Албанец треба да биде Премиер на идната влада. „Зошто да не“, беше нивниот слоган во извонредно осмислената кампања, со која ги добија изборите во Албанскиот корпус.
Забележлива беше исто така конфронтацијата меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и Претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Заев му порача на ДУИ дека е време да одат во опозиција, а Ахмети на тоа му одговори дека ќе му ја „скине“ насмевката, а во една прилика изјави дека Заев му се јавувал за да му се извинува за неговите настапи на митинзите.
Како и да е, колку и Заев да е попустлив во политиката, тој сигурно нема да ја пропушти можноста да стане Премиер. Доколку ДУИ не отстапи од својата намера, во игра влегува Алијансата на Албанците на Зијадин Села.
Според податоците кои Државната изборна комисија ги објави во 3.10 минути по полноќ, СДСМ имаше 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса 12, Левица 2 и ДПА 1.
Доколку се соберат гласовите на СДСМ и Алијансата, тоа би биле 58 пратенци. ДПА на Мендух Тачи би можела да го даде 59 пратеник и двајцата пратеници од Левица, би се дошло до мнозинство. Но Левица во предизборието се изјаснуваше дека со СДСМ не би влегувале во коалиција. Без Левица, нема влада.
Во втората варијанта, СДСМ и ДУИ би имале просто мнозинство. Доколку се придодаде и Мендух Тачи, тоа е веќе солидна стартна позиција од 62 пратеници. Велиме стартна, бидејќи во минатото сме биле сведоци кога пратеници поминувале од опозицијата во владеачката коалиција.
Во прилог на оваа комбинаторика, одат и шпекулациите дека „кавгата“ меѓу СДСМ и ДУИ е фингирана и дека тие, како и претходните три години, ќе си продолжат со заедничко практикување на власта.
Но, да оставиме прво да бидат соопштени конечните резултати, а потоа и да видиме како ќе одат реално преговорите за нова влада.