На светло на денот, некаде во средината на декември 2019 година, во Кина се појави нов жител на планетава Земја. Жител со микродимензии, вирус, снабден со моќни механизми, неопходни за освојувачки поход, далеку помоќни од оние на неговите собраќа од семејството коронавируси, помоќни и од оние на вирусот на грипот, пандемискиот и сезонскиот, па и од еболата… Го нарекоа САРС-КоВ-2, поопасен од сите негови „собраќа“. Болеста што ја предизвикува ја нарекоа КОВИД-19.
Се смета дека во почетокот, некаде во ноември 2019, подмолно беснеел меѓу децата и младинците, дури стотина километри од градот Вухан, Кина, иако официјално се тврди дека првата инфекција настанала на т.н. мокар пазар во градот, во декември истата година.
Утврдено е дека вирусот претставува „химера“ од два вируси, едниот, чијшто природен резервоар е еден вид лилјак и друг, чијшто природен резервоар е еден лушпест мравојад (панголин). И едниот и другиот често биле на менито на богатите Кинези.
Неговиот извонредно висок епидемиски потенцијал се должи на фактот што многу лесно се пренесува од човек на човек по воздушно-капков и контактен пат. Ширењето му е олеснето од фактот, што за разлика од неговиот постар брат, САРС-КоВ-1 (предизвикувач на САРС-от), кој се вгнездуваше само во долните делови на белите дробови (заради што беше многу тешко да се пренесува од човек на човек), овој, новиов вирус, присутен е и во назофарингеалниот секрет, што овозможува лесен интерхуман пренос, по капков пат, исто како кај грипот.
Неповолно е што, според најновите сознанија, се шири и преку аеросоли, кои се формираат при зборување и дишење, значи по аероген пат, како вирусот на морбилите!!! А до неодамна се сметаше дека аеросоли не се формираат при дишење и зборување. И според тоа беа дизајнирани и мерките пропишани од Светската здравствена организација. (Кај вирусот на сезонскиот грип, не постои ширење преку аеросоли).
Најден е и во фецесот, но феко-оралниот пат изгледа не е релевантен во неговото ширење.
Неговиот базичен репродукциски број изнесува 2-3. Што значи дека едно инфицирано лице заразува 2-3 други осетливи лица. (Кај сезонскиот грип, тој број е 0,9-2,1)
Понатаму, тој е смртоносен, но не претерано (САРС, 10%, МЕРС 37%). Стапката на смртност не може прецизно да му се пресмета, зашто сè уште не се знае вкупниот број на инфекции (манифестни и асимптоматски). Се проценува дека се движи околу 3%.
Засега кај нас е околу 3%. (Кај сезонскиот грип смртноста е само 0,1%). Клиничката слика му е речиси иста како и кај други респираторни заболувања, грипот, на пример, со тоа што тука далеку почесто настанува пневмонија, но и респираторен дистрес синдром и откажување на мултипли органи, што се главни причина за смрт кај заболените.
Проценките за пропорцијата на асимптоматските случаи се движат меѓу 17,8 до 50%, а токму тие се главните пренесувачи на вирусот! (Кај сезонскиот грип изнесува 14%).
Околу 80% инфицирани имаат блага клиничка слика, околу 15% тешка и грубо 5%, многу тешка. Генерално земено, децата и младите под 18 години заболуваат со полесни симптоми или се асимптоматски. Со растење на возраста, и симптомите стануваат потешки. И смтноста им е поголема (70-79 години, 8%, преку 80 години, околу 15%).
Имајќи предвид дека целокупната светска популација за новиов корона вирус е „табула раза“, значи не поседува специфичен имунитет, јасно е дека тој ги поседува сите предуслови молневито да се впушти во поход – велиме, експоненцијално се шири.
И тој тоа го стори. Кина падна на самиот почеток на походот, во јануари, февруари и првата половина на март. Кинезите презедоа невидени, драконски рестриктивни мерки. Ставија во карантин половина милијарда луѓе. И успеаја да го совладаат.
До кога? Што ќе биде кога ќе ги релаксираат рестриктивните мерки? Зашто, факт е, ниту оддалеку во Кина не е постигнат прагот на колективниот имунитет од 60% (при кој епидемиското ширење спонтано би стивнало)!
Ги очекува ли втор бран? Од Азија се префрли за помалку од месец дена на сите континенти. Европа и Америка покажаа дека не се дораснати на невидливиот непријател! Италија доживеа катаклизма, Франција, Шпанија, Америка се на чекор до неа… Вечните ривали ги закопаа воените секири. Се случува нешто невидено, светот се сплоти во заедничката борба…
Како и сите други Европјани, им се потсмевавме на „лудите“ Кинези.
Падна Италија! Се потсмевавме пак… ха, не ги бива Италијаниве, несериозни биле во почетокот! И Шпанците и Французите, исто така, исто така, биле несериозни!
Жителите на Обединетото Кралство, но и на Холандија и Шведска, се обидоа да играат „руски рулет“ со сопствениот народ. Многу брзо пишман се сторија. Здравствените системи почнаа да им пукаат по сите шевови. И посрамени се вратија на добрите, стари, „средновековни“ методи… Се чини, залудно…
Македонија… експоненцијален пораст на бројките… се нижат болни, ги следат умрени. Илјадници се во домашна изолација. Прво кокетиравме со поблаги мерки, препораки само. Сметајќи дека дека имаме свест за демонот надвиснат над сите! Без ефект!
Како за инает, баш тогаш и млади и стари решија да пркосат, непокорни да бидат! „Ама, на мене, тоа вирусот ништо не ми може…“ Ама можел. И индоленција на најјако… Бројките јурат угоре… Појачуваме мерки… за да стасаме до фаза на речиси тотален „локдаун“…. Што ќе биде со бројките?
„Локдаунот“ не може вечно да трае. Дури бројките и да стивнат! Што дека стивнат?
Тоа е исто како да отстраните малигном, а да не побарате метастази. А знаете дека ги има. Ама не ги барате!
И знаете дека прашање на време ќе биде, кога ќе се дисеминираат насекаде… додека не опфатат 60% од нашето ткиво. По која цена?
Ќе се прашаме, можевме ли да ги избегнеме? Одговорот е, можевме!
Како? Само ако го искористиме „локдаунот“ да ја скенираме цела популација за постоење на метастази. И потоа да ги искорнеме, до здраво! За да го скратиме времето на беснеење на ѕверот!
Да се разбереме! И без барање на ситните метастази, ќе успееме. Но, освојувачкиот поход ќе трае подолго. И агонијата… Потоа, ќе ги релаксираме рестриктивните мерки. Што со бројките? Ќе растат, иако ќе бидат помали…
И можеби пак ќе треба да се прават рестрикции… За да не се предизвика лавина од жртви… Не смее лавина да се дозволи! Зошто? За да не се преоптерети здравствениот систем!
Со такво контролирање на поведението на освојувачот, тој сè поретко ќе наоѓа осетливи жртви, зашто густината на оние имуните ќе станува сè поголема. До 60%! И ќе го изгуби здивот…
Ако во меѓувреме се изнајде ефикасна терапија, жртви ќе има помалку. На тој план, веќе ветуваат некои тераписки приоди. Од специфична превенција со вакцина веројатно сме далеку околу година и пол…
Ваква апокалипса планетата Земја не доживеала од времето на пандемијата на грипот, 1918-1920 година, кога заболеа повеќе од половина милијарда луѓе, а меѓу 50 и 100 милиони го изгубија животот.
Да не се повтори историјата пак? Нè очекува ли „Апокалипса денес“?
Нема шанси, овој пат! Не само заради тоа што прашање на време е кога ќе имаме моќна медикаментозна терапија , а потоа и специфична имунопрофилакса, туку и заради нешто друго!
Сите ние заедно, жителите на планетата Земја, кој порано – кој подоцна, учиме дека само здружени, единствени, можеме да совладаме ваков невидлив непријател. Светот тоа го докажува! И ние го докажуваме!
Има и уште нешто! Единството на колективен план, планетарен план, е нешто без кое не се може. И тоа се гледа на терен! Но, на индивидуален план, секој од нас мора да води лична битка. Мораме да научиме дека целината ќе функционира беспрекорно, само ако секое нејзино делче функционира беспрекорно. Не е можно поинаку.
Рестрикциите што ни се наметнати се нужно зло, неопходност. Заедницата мора да ги штити интересите на колективот и со мерки на принуда.
Во услови на овие рестрикции, сведоци сме на еден процес на отрезнување на сите нас, процес на освестување на една едноставна вистина, дека живеење во колективитет подразбира не само права („ќе правам што сакам“), туку и обврски и одговорност за доброто на тој колективитет. Интересот на колективитетот е секогаш над интересот на поединецот!
Мислам, добро ни оди. И затоа, не може да не успееме и во оваа битка. Независно од спорадичните дисонантни тонови…
Денес е Меѓународен ден на здравјето, посветен на КОВИД-19.
Денес чувствувам потреба да им го честитам празникот и да им се поклонам на нашите здравствени работници, кои буквално ги ризикуваат своите животи (и животите на своите семејства) во првата борбена линија!
Но, морам да оддадам признание и на сите нас, граѓаните, за јуначко држење пред предизвиците. Да продолжиме со исто темпо. Уште малку. Да се надеваме дека на лето ќе здивнеме!
Извор: Доктори.мк