Билјана Ванковска: КАМШИКАРОТ?
,,Не беше така одамна кога БИВШИОТ премиер не’ убедуваше дека треба да си го смениме името затоа што ни треба камшикар (подоцна стана, лејди уит сексапејл) за да се реформираме. Сексипилната заболе од коронавирус, па сега остана само камшиот/пендрекот и тоа во рацете на домашни несексипилни ликови.
Која ми е поентата? Колку што е лошо во време на здравствена криза, којашто уште и го нема достигнато пикот, главните политички актери да се во меѓусебна и беспоштедна војна, можеби уште полошо е кога во „примирјето“ почнуваат да се натпреваруваат кој е подобар камшикар.
Се натпреваруваат и позиција и опозиција кој ќе предложи подраконски мерки, небаре тие се епидемиолози и здравствени работници… Се употребува речник на „сомнителни лица“, а заболените се стигматизираат и стануваат предмет на омраза ј јавен гнев – небаре тие се виновни што ги фатил вирусот.
Внимавајте колкав залет земаат, и тоа од позиција на ПАРТИСКИ лидери. Партиските лидери во вонредна состојба треба да си молчат, здравствената струка треба да зборува. И треба да ѝ се верува од една единствена причина: нивната глава е во торба, тие најмногу се жртвуваат и изложуваат на опасност во вакво време!
Што се однесува до владините функционери, и тие треба да ја спроведуваат вонредната состојба на МНОГУ внимателен начин! САМО ВО КОНТЕКСТ НА ИЗВОРОТ НА КРИЗАТА и во насока на справување со неа. Таа по дефиниција значи ограничување на човековите права – но, ако тие мерки не се оправдани со резонот на јавното здравство, треба да си ги приберат рацете и овластувањата.
Претседателот треба да отвори десет очи, но и медиумите (оние кои сакаат да ги поткупат во висина на минимална плата, а ниту еден не се побуни). Уставниот суд треба да е буден како никогаш порано, бидејќи сето ова цунами на уредби ќе треба да се преиспита еден ден. Идејата не е вонредната состојба да ни биде/стане посакувана состојба, во која на народецот ќе му се покаже што е владеење со цврста рака/камшик, па да му се заарни (бидејќи и овие што сега ви се прават „мажишта“, веќе видовме колку се храбри).
Вонредната состојба е нужно зло, и не значи самоволие!”