Новинарот Васко Ефтов во својата последна емисија пред неколку денови се осврна на заканата која го стресе светот, вирусот кој ги закова луѓето во своите домови, но има и сериозни импликации врз економијата, бизнисот, културата и сите сегменти од животот.
Васко Ефтов се осврна на стравот кој го имаат луѓето и таа негова констатација е во ред. Познатиот Епидемиолог Драган Даниловски пред неколку дена на својот профил на социјалните мрежи објави статус, а истиот ден и во гостување на ТВ Алфа на прилично алармантен начин повика на најостри мерки од страна на државата, бидејќи односот на граѓаните е индолентен:
,,Наместо затворањето на училиштата и факултетите да вроди со плод (да ги редуцира меѓусебните контакти), проблемот веројатно стана уште поголем. Затоа што тие веднаш ги наполнија кафулињата и дискотеките… И се создадоа услови за воспоствување на безброј ланци на инфекции… инфекции невидливи, а сепак присутни…чијшто број расте експоненцијално… како снежна лавина.
Така настанува епидемиско ширење, кое сè повеќе се интензивира. Ние тоа го нарекуваме епидемиска амплификација.”, вели Даниловски.
-Потенцијални сејачи се и сите други граѓани кои се наоѓаат во периодот на инкубација или се асимптоматски случаи, а кои исто така немаат чувство на одговорност и совест (се разбира, не сите!), воопшто не обѕирнувајќи се на мерките пропишани од Владата.
Кафеаните преполни, во продавниците игла нема кај да фрлиш, луѓе рашетани по светот, тераат туризам, раскомотени по седенки, журки, чајанки по дома… небаре ќе биде крај на светот!
Затоа, вели Даниловски, треба да се делува ра дикално. Како што направија Кинезите. Подитно треба да се забранат, ама буквално да се забранат сите социјални дружби на граѓаните, но не само социјални, туку и професионални и секакви други.
Со тоа, можеби ќе успееме да го намалиме факторот на преносливост од сегашниот потенцијал 3, на испод 1. Значи предлагам на државата, државата да направи се што е во нејзините ингеренции, дури и со непопуларни мерки, средновековни мерки, кои на времето се покажале ефикасни, а и сега кинезите ги применија истите, за да се заштити населението”, рече тогаш Даниловски.
Интересно е што беше нападнат од многу корисници на социјалните мрежи дека ширел паника. Иако состојбата била таква каква што е, не требало да се шири паника. Експертите од целиот свет велат напротив, треба да се каже сè отворено и да им се покаже на луѓето што се случува, за да ја сфатат ситуацијата сериозно.
Васко Ефтов исто така зборува за паниката и стравот кој владее меѓу граѓаните и ги анализира потезите на неколку влади кои размислуваат на различен начин. Така тој вели дека во Англија на пример се размислувало свесно да се дозволи да се заразат поголем број луѓе, со тоа да се создаде колективен имунитет и да се спаси економијата од колапс.
Тој понатаму прави некакви споредби со сезонскиот грип и прашува зошто Корона ако е толку опасна има помалку жртви во споредба со сезонскиот грип, но истовремено заборава дека Корона вирусот е активен само околу два месеци и допрва следи неговиот пик.
Можеби најинтересно во целата негова тирада, беше повикот до верниците кои му честитале празници:,,Сите вие што ми честитате празници во пораки и се декларирате како верници, каде ви е верата? Нели викаме дека Бог допушта сè! Зошто не се помирите со тоа и без страв и паника да сочекате и да ја видите Божјата промисла, рече Ефтов.