Порталот Фокус објави вест за докторката Лилјана Чолакова-Дервишовска, која е претседател на Здружението на приватни матични лекари, а со свои статуси предизвика внимание во јавноста.
Нејзиниот прв статус е објавен на 10 март, а во него лекарката пишува дека со зголемувањето на температурите ќе се намали бројот на заразени од корона вирус, односно потенцира: „Температурите се зголемуваат и ако може лудилото да престане“.
„И сега пак иде до израз дека само со политички персони не можат да се носат системски решенија кои би биле корисни за народот. Ќе се затвораат школи, градинки, а матичните доктори и нашите медицински сестри, исто така имаат деца кои идат во градинка и кој ќе им ги чува децата. Температурите се зголемуваат и ако може лудилото да запре.
Барем да се каже транспарентно кои се личностите што починале по светов, дали биле скитници, дали имале некои коморбидитети. Само да ви кажам дека ние докторите и медицинските сестри си одиме дома со сите бактерии од нашите пациенти и која е изолацијата на нашите деца.
Вируси имало и ќе има, но или се грижете за сите или селективни одлуки да нема. Или сите по дома две недели или никој…Мислам дека сум јасна – пишува Чолакова-Дервишова на својот фејсбук профил.
Под статусот можат да се забележат коментари во кои и се дава поддршка на лекарката, но и такви коментари во кои и објаснуваат дека наместо како доктор да даде совет и препораки, таа се занимава со политика.
Пред неколку денови, откако здравствените власти ставија клуч на детските градинки, училишта и факултети, доктор Дервишова бара да се затворат кафаните, банките, поштите, аптеките, а во меѓувреме ги споделува сите броеви на Центрите за јавно здравје по другите градови.
Вториот статус, матичната лекарка го пишува вчера во кој наведува дека секогаш кога требало да се случи нешто големо во државата, се држел народот во паника, односно со тоа да алудира дека бран на мигранти ќе влезат во земјата, па од таа причина е толкава паниката околу корона вирусот, за да се пренасочи вниманието на јавноста.
„Секогаш кога треба да се случи нешто големо, вниманието на народот мора да се сврти сосема на друга страна и да се држи народот во паника. Па така моето претчувство е да во нашава држава ќе се населат многу нови лица, ќе им се дадат државјанства и збогум Македонијо!!! Ајде да видиме дали моето претчувство ќе се реализира??? -пишува матичната лекарка.
„Фокус“ разговараше со лекарката која ни ги објасни сите свои ставови околу напишаните статуси на нејзиниот фејсбук профил, но сепак ништо од тоа не сакаше да сподели со јавноста. Таа само нагласи дека нема потреба од толкава паника.
„Мора да има смирувачки тонови. Граѓаните нормално треба да внимаваат на својата хигиена, да не се шетаат многу. Факт е дека со оваа паника, ние испогинавме од работа- вели Чолакова-Дервишова.
Таа, истовремено е член на Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, а нејзина фотографија може да се најде на официјалната страница на партијата.
Од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче во изјава за “Фокус” вели дека јавноста не треба да се замајува со лажни вести и дека во моментот, здравјето е главен приоритет.
“Сите мора да се придржуваат на препораките, со цел да спречиме понатамошно ширење на корона вирусот. Здравјето на граѓаните мора да биде приоритет пред сите други интереси – тврди Филипче.
Пред само два дена, Министерството за внатрешни работи излезе со информации дека ќе се казнуваат граѓаните – корисници на социјални мрежи и медиумите кои ќе споделуваат и шират непроверени, лажни вести поврзани со корона вирусот.
“Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника.
Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции” – информираа од МВР.
Целиот текст прочитајте го на Фокус