По вчерашното прогласување на пандемија во светски рамки од страна на СЗО и денешната лидерска средба во Македонија, станува се појасно дека е можно изборите кои беа закажани за април да бидат одложени, иако засега не се донесе таква одлука.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на лидерската средба истакна дека воопшто не се разговарало за одложување на изборите.
„Она за што разговаравме е да има предаптирање на изборната кампања, односно ќе одиме од врата на врата, преку социјалните медиуми, преку мас медиумите. Препораките од Владата и забраната се активни и мора да се почитуваат. Се додека има забрана, ќе нема митинзи.
Средбата беше повеќе од информативен карактер. Тие не запознаа со препораките, забраната и мерките и се тоа мора да се почитува. Истовремено, политичките партии може да доставуваат сопствени предлози за заштита и превенција од ширење – истакна опозицискиот лидер.
Премиерот Оливер Спасовски на прес конференција по лидерската средба, дури најави и дека е можно, ако е потребно да биде свикан стариот состав на парламентот:
-Здравјето и животот на граѓаните е над се, но и грижата за економијата исто така. Има предвидено според Уставот во кои ситуации може да се повика Собранието, сега за сега нема потреба. Имаме стабилна фискална политика, меѓутоа, ако тоа биде потребно, треба да се стават сите институции на располагање. Ако здравјето е пред се, што е поважно од тоа сите да бидеме здрави? Цениме дека нема потреба да се носат такви одлуки“, рече Спасовски.
Тој апелираше до граѓаните да не се создава паника и да се информираат од релевантни извори на информации. Спасовски кажа дека со сите политички партии се догвориле постојано да се повикува на стопирање на пласирањето лажни вести.
„Апелирам и до граѓаните, одговрно однесување значи и да не ги преплавиме сите маркети и да бараме намирници и така натаму, заради тоа што нема потреба од такво нешто. Едноставно, нормално и без никаква паника на соодветен начин да реагираме.
Исто така, тој што мисли дека ќе може да профитира во ваква ситуација, нема да успее. Имаме состојби кога треба да се испочитуваат овие препораки. Ако има било каков притисок или постапување спротивно на работничките права, треба да се обратат до инспекторатите“, рече Спасовски.
Пандемијата прогласена од СЗО, за Спасовски е уште една причина за поголема одговнорост и почитување на препораките од институциите.
„Се повикуваме на нашите капаитети и потенцијали, како и искуството на другите. Се разгледуваат и други мерки кои треба да бидат засилени. На седница на Влада ќе го разгледаме предлогот на епидемиолозоите за забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на бројот на присутни граѓани.
Ќе го разгледаме и предлогот рестораните и кафитериите да работат со намален капацитет и скратено работно време, како и да се откажат сите културни настани. За сето ова разговаравме на средбата со лидерите и буквално сите се согласивме дека мерките се за доброто на сите граѓани.
За заштита на надорот и справување со состојбата. Наша должност е сите одговорно да ги почитуваме и следиме. Сакам да ги уверам граѓаните дека институциите, односно МЗ има доволен број на заштитна опрема, маски, ракавици и друга опрема, тоа не треба да е прашање за загриженост“, рече Спасовски.