Влатко Ѓорчев е еден од поранешните пратеници во Македонското собрание со најдолг стаж. Беше пратеник во дури пет собраниски мандати. Член на ВМРО-ДПМНЕ е уште од 1996 година.
Пошироката јавност првпат слушна за Ѓорчев на почетокот на 1997 година за време на студентско-средношколските протести против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија во Скопје.
Некаде во тој период започнува и неговиот пробив во политиката, најпрво низ структурите на својата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и како партиски портпарол (2001 -2004).
Од 1997 година е член на Комисијата за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа време станува и соработник на поранешниот претседател Борис Трајковски, за во кампањата за претседателските избори 1999 година Ѓорчев да биде негов личен асистент.
Јавноста Влатко Ѓорчев го запозна на студенстските протести, а потоа и по неговите жолчни дебати со поранешниот премиер од СДСМ, Владо Бучковски.
Политичката философија на Влатко Ѓорчев е многу добро позната за јавноста. Тој е дел од поконзервативното крило на ВМРО-ДПМНЕ и никогаш не избегнувал да се изјасни дека е за заштита на семејните вредности, со дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, како и заложби за зголемување на наталитетот преку државни политики и бенефиции.
Влатко Ѓорчев ќе остане запаметен по легендарните говори по многубројните победи кои ги имаа како партија, во периодот на десетгодишното владеење на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Премиер, Никола Груевски.
-Победивме во Сопиште, Ѓорче Петров, Ранковце, Охрид. Победивме и во Кисела Вода, Аеродром, Битола. Победивме во Гази Баба… победоносно викаше од говорница Ѓорчев, подигнувајќи ја победничката атмосфера во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Но освен успесите, Влатко Ѓорчев во последните неколку години почна да биде остро критикуван од аналитичарите, новинарите и јавноста, поради неговиот предолг мандат како пратеник. Почна да му се забележува дека е најобичен популист, кој освен што знае да биде пратеник и да зема плата од државниот буџет, незнае ништо друго да работи.
Можеби најмногу поради ова, Влатко Ѓорчев не е на листите за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат во април оваа година. Дали конечно Ѓорчев, по евентуалната победа на неговата партија на изборите, ќе го видиме во нова улога како министер, директор или дипломат, останува да видиме.
Во меѓувреме, Влатко Ѓорчев вчера на својот профил на социјалните мрежи се прости од гласачите и се заблагодари што бил пратеник:
,,Огромна благодарност што бев пратеник. Желба за успех до новите пратеници. Да живее Македонија! Да живее ВМРО-ДПМНЕ!”