Доколку сака да победи – Мицкоски не треба да ги става овие луѓе на пратенички листи

0

Синоќа се случи првиот телевизиски дуел пред изборите, на лидерите на двете најголеми политички партии во нашата држава, Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Заев, доскорешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ.

Дебатата помина во надмудрување меѓу двајцата лидери, кој што направил, односно не направил во минатото, непотизмот, трошењето на државните пари. Се поразговара за гломазноста на буџетот, при што Мицкоски праша каде одат парите од буџетот кој продолжи да расте секоја година, нешто што беше најомилена тема додека СДСМ беше во опозиција.

На ова Заев одговори дека сега, за разлика од порано кога парите од буџетот се трошеле за жални врби, фасади кои се распаѓаат и стиропор, се враќаат кај граѓаните по разни основи.

Денес социјалните медиуми се преполни со размислувања кој победил на синоќешниот дуел. Секако, тие се разликуваат во зависност кој политички субјект му е поблизок на коментаторот.

Доколку се погледне неутрално, впечатокот е дека Зоран Заев во изминатите три години ги реши круцијалните проблеми на оваа држава, кои ја пратеа од нејзиното осамостојување до денес.

Името и односите со соседите. Но решавајќи ги овие прашања, кои сериозно му го разнишаа угледот кај гласачите, Заев ги занемари останатите сегменти од живеењето, како економијата, инфраструктурата, па и социјалата.

Од друга страна, Христијан Мицкоски дава впечаток на зрел, паметен и образован политичар, кој на секој аргумент може да понуди контра аргумент со силни факти и да го ,,матира” соговорникот. Но, на една тема Мицкоски останува подзаќутен. Тоа е споменувањето на името Никола Груевски и неговите соработници.

Синоќа уште на почетокот се виде на која карта ќе игра Заев, а во текот на дуелот тој тоа го искористи преку прашањата и констатациите:

-Господине Мицкоски, вашата партија ја води човекот од Будимпешта и неговите пајташи. Еве ви телефон, јавете му се да ви каже што треба да изјавите, поентираше Заев.

Христијан Мицкоски секогаш се обидува да ги амортизира ваквите напади и донекаде успева во тоа. Тој ги негира контактите со Груевски и досега, владеачката партија не успеала да докаже нивна поврзаност, ниту преку телефонски разговор, ниту преку фотографија. Сè останува на нивни шпекулации.

Но наместо да го искористи овој свој политичи чист ,,беграунд”, Мицксоки им ја отвора устата на опонентите со само неколку имиња, кои ги форсира во највисокото раководство на партијата.

Тоа се пред сите, потпретседателот Александар Николоски, како и поранешните пратеници Влатко Ѓорчев и Антонио Милошоски.

Дури и да не стоеше нивната поврзаност со Груевски, како негови поранешни најблиски соработници, тие требаше да бидат дистанцирани! Зошто? Па затоа што Николоски и Ѓорчев се пратеници речиси од своето полнолетство. Народот почна и да се подигрува со овој факт, дека нив ова им е добар бизнис, дека ништо друго во животот немаат сработено, но и дека со нивната досегашна политичка активност, немаат ништо конкретно направено за гласачите.

Сличен е примерот со Антонио Милошоски, кој во својата биографија ја додава и функцијата министер за надворешни работи.

Освен што го урнисуваат угледот на партијата со самото нивно опстојување во нејзините највисоки органи, тие прават штета во рејтингот и на дневна основа. Само пред неколку денови, во ТВ дебата, Николоски на констатациите од Шеќеринска дека некои од пратениците на ВМРО се дволични, бидејќи во некои случаи гласале закон за ,,Северна Македонија”, а ваму не го признаваат новото име, тој повторуваше ,,ќе победиме”. Господине Николоски, народот гледа и суди, не може да се ,,пали” веќе на празни флоскули, кои ги слуша уште во времето на Георгиевски кој слден конгрес ќе држеше во Солун, или Никола Груевски кој не направи антички Македонци.

Истата таа стратегија ја применува и Влатко Ѓорчев при гостување во ТВ дебати, игнорирање на важните прашања, на кои јавноста очекува одговор и верглање на некои празни флоскули, на кои гласачите веќе не паѓаат.

Од другата страна и Заев е опкружен со такви ,,вечни” функционери, од типот на Шеќеринска, Јани Макрадули, Андреј Жерновски… Дополнително на тоа, Заев истроши во голем дел од својот рејтинг во изминатите три години.

Затоа, ќе напоменеме, ЧИСТИОТ политичар Христијан Мицкоски, треба во последен момент да раскрсти со споменатите негови сопартијци и слични на нив, да не ги става на пратеничките листи и со тоа да ја разниша ПР стратегијата на СДСМ за престојната кампања, која очигледно ќе се темели на нападите на Никола Груевски и неговите соработници и докажување на тезата дека во ВМРО-ДПМНЕ не е ништо променето.

П.П.

Претходна статијаВаско Ефтов со оригинален коментар по дуелот Заев – Мицкоски: Поразени сме ние Македонците
Следна статијаПристигнаа резултатите од тестираните за Корона – познато дали има нови случаи во Македонија