Чулев оптимист – соопшти кога очекува да пристигнат обрасците за пасоши

0

Последниот месец бевме сведоци на расправии меѓу поранешниот министер за внатрешни работи и сега технички премиер, Оливер Спасовски и актуелниот технички министер за внатрешни, Наќе Чулев, околу обрасците за лични документи.

Тие си ја префрлаа топката еден друг, но граѓаните ставија јасно до знаење дека нив не ги интересира кој е виновен за настанатата ситуација, туку кога овој проблем ќе биде решен. Министерот Чулев денес од Битола, се осврна на повеќе теми, меѓу кои и за обрасците за лични документи.

-На подрачјето на СВР-Битола има подобрување во процентот на откриени кривични дела освен во делот на опожарени возила кои се на територијата на ОВР-Прилеп и кои не се резултат на организирана група, е информацијата што ја добил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев од СВР Битола, каде во рамки на работната посета беше брифиран за состојбите со криминалитетот и процентот на откриени кривични.

– Дадов насоки за преземање поинтензивни активности на терен, а со цел превенција и спречување на овој вид кривични дела, изјави министерот Чулев.

На средбата во СВР Битола се разговарало и за подготовките околу претстојните парламентарни избори, за што се дадени насоки за преземање широк спектар мерки за спречување на изборни нерегуларности на подрачјето на СВР-Битола.

Посебен акцент, нагласи Чулев, бил ставен на поткупот на социјално ранливи категории граѓани, ромската популација, агитација на ден на избори или групно гласање, а се со цел да има фер и демократски изборен процес.

Министерот Чулев информира дека ситуацијата со патните исправи ќе се стабилизира и се очекува порано од 24 март да пристигне првата пратка со патни исправи.

– Имаме најави за 7 до 10 дена да пристигне првата пратка со патни исправи и во тој дел состојбата со патните исправи ќе се релаксира, изјави Чулев.

Во однос на корона-вирусот, на прес – конференцијата во Битола беше информирано дека МВР има преземено активности и во тие рамки граничната полиција дели печатен материјал со информации поврзани со мерките кои се преземаат за заштита од корона-вирус, а на вработените им се дадени заштитни маски и ракавици.

– Ќе спроведеме итна јавна набавка за заштитна опрема и дезинфекциони средства за сите вработени во МВР да бидат соодветни заштитени. Инаку во овој момент МВР е ангажирано за 24 часовно обезбедување на еден објект во Скопје и 4 објекти во Струмица каде согласно насоките од Министерството за здравство, лицата кои живеат во тие објекти се во карантин, потврди Чулев.

Претходна статијаНе се само патниците од комбето: Венко Филипче откри колку пациенти се во изолација
Следна статијаБорис Димоски емотивно: По три обиди го чекаме првото дете, но сега немаме покрив над главата