Еве која е вашата алтернатива доколку операторите ги укинат ТВ каналите

0

Македонските оператори одлучија да прекинат со реемитување на сите домашни и странски ТВ канали. Оваа одлука едногласно ја донесе Здружението на информатичко-комуникациски технологии при Стопанската комора, каде се обединети сите оператори, пишува порталот it.mk

Според најавата на здружението, единствените канали кои ќе продолжат да се емитуваат во периодот на штрајк се каналите на јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.

Причината за ваквиот потег на операторите се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето. Од здружението протестираат дека „законот е донесен по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа. “

Спорен во случајов е членот 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои се дефинираат обврските на операторите, поточно алинејата 2:

Член 143: Обврски на оператор кој реемитува програмски сервиси

(1)Оператор може да ги реемитува програмските сервиси на домашни радиодифузери само во сервисната зона за која радиодифузерите ја имаат добиено дозволата за обезбедување на телевизиско или радио емитување и врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно со Законот за авторските права и сродните права.

(2) Оператор може да реемитува програмски сервиси на радиодифузери од други држави согласно со членот 44 од овој закон и врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно Законот за авторските права и сродните права.

(3) Оператор кој реемитува програмски сервиси треба да обезбеди програмскиот пакет задолжително и бесплатно да ги содржи програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис кои се финансираат од радиодифузна такса, освен оператор кој реемитува програмски сервиси преку дигитален терестријален мултиплекс.

(4) Операторот кој реемитува програмски сервиси е должен во претплатничките договори што ги склучува со своите претплатници да го наведе програмскиот пакет, односно листата на програмските сервиси кои ги реемитува во моментот, а за кои е издадена потврдата за регистрација од страна на Агенцијата.

(5) Операторот кој реемитува програмски сервиси е должен да води посебно сметководство за активностите поврзани со реемитувањето на програмските сервиси.

Операторите тврдат дека не можат да гарантираат дека каналите кои ги реемитуваат се со регулирани авторски права.

Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.

Засега не е донесена одлука за датумот од кој ќе започне да се применува одлуката. Сепак делува дека ниту операторите не се сосем подготвени за прекин на програмата. Најпрво за да го одложат стапувањето на сила законот го оспорија пред Уставниот суд, од каде најверојатно ќе се почека одлуката пред штрајкот.

Она што е јасно од друга страна е дека со прекинувањето на емитување на содржините, ќе се отвори „врата“ за корисниците на овие оператори да ги раскинат договорите со операторите, и покрај најавата дека за време на прекинот ТВ услугите од операторите нема да се наплаќаат.

Со свој став излегоа и националните телевизии. Не требаше да помине многу време за да со свој став излезат и националните телевизии. Во своето соопштение, потегот на операторите го нарекоа „паушален незаконски хир , и објаснија дека тие гарантираат дека целата програма која ја емитуваат е со регулирани авторски права.

Дополнително додаваат дека Законот не е донесен во скратена постапка и без најава, на денот на распуштање на собранието, туку Законот е донесен во декември 2018 година.

„Последниот пример што ќе ви го дадам е за телевизија Телма, која ги имаше купено ексклузивните права за ракометното првенство и нас ни се случи еден од најинтересните натпревари, полуфиналето меѓу Хрватска и Норвешка, РТЛ да го емитува на Телеком, Дојче Телеком. Значи, германска телевизија преку германски оператор да емитува тотално бесправно и пиратски.

Дали тоа им се случува во Германија? Дали ние го испративме нашиот сигнал во Германија да им влеземе во бизнисот на РТЛ? Значи Македонија мора да престанат да ја третираат како територија со племе. Ние сме држава“, вели директорот на телевизија Телма, г-дин Атанас Кировски.

Националните медиуми побараа и оставка од директорот на Агенцијата за аудио, аудиовизуелни и медиумски услуги, г-дин Зоран Трајчевски за кој обвинија дека шири дезинформации.

Потсетуваме дека Законот е донесен во декември 2018 година по шестмесечна јавна расправа и со сите потребни процедури. Единствено што не беше на сила е тоа што поради неподготвеност на операторите беше донесен амандман со кој се одложи неговата примена за 60 дена, додека се избере Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги.

Како да заборавите на телевизиите и операторите И додека едните и другите си водат сметка за сопствените интереси, се чини дека сите заборавија за кого постојат овие сервиси.

За среќа денес има навистина тон алтернативи достапни и во земјава со чија помош (сосема легално) можете да си следите речиси секаква програма, без притоа да се грижите дека нарушувате нечии авторски права кои всушност треба да ги заштитат креаторите на содржините, а не да обезбедат „терен“ на кој операторите и телевизиите ќе се надмудруваат. Во продолжение, потсетување за достапните сервиси со кои може да го надминете евентуалниот операторски мрак:

Netflix: Од 2016 Netflix е достапен во Македонија. Содржината која корисниците можат да ја гледаат е локализирана, и секако веќе знаете дека не е иста со таа од САД на пример, но без да навредиме никого може да кажеме дека е далеку пред содржината која ќе ја пропуштите со прекинот на реемитување.

Цената на пакетот е 8 евра месечно и дополнително потребно е да имате подобар интернет пакет. За оваа сума корисникот добива „пренос“ на 3 уреди од телевизор, до компјутер, таблет и телефон. Достапен е и пакет со ултра ХД резолуција по цена од околу 11 евра месечно кој ќе ви потроши нешто повеќе интернет, но ќе добиете подобар стрим. Netflix има одлична содржина, а компанијата и сама инвестира во креирање на филмови и сериии.

The Irishman, Stranger Things, The Witcher, Orange is The New Black се само дел од содржините кои ќе може да ги гледате. Предностите не завршуваат тука. Корисникот може да ја гледа целата содржина кога ќе посака, и за разлика од дел од операторите доаѓаат без договори на подолг период. Лошата страна е што нема титлови на македонски јазик.

HBO Go: Ако Netflix не ве импресионира можеби HBO Go ќе може да го привлече вашето внимание, особено со фактот дека нуди титлови на македонски јазик. Веќе знаете дека Game of Thrones заврши, но ова не значи дека нема што да гледате. Претплатата чини 6 евра месечно, а за овие пари ви се достапни над 800 филмови и куп серии.

Претплатниците може да гледаат Deadwood, Westworld, True Detective, Boardwalk Empire, но и куп друга содржина.

Pickbox: Pickbox NOW е стриминг видеотека, која како и останатите сервиси е достапна неограничено, каде било и кога било. Нудат неколку илјади часови со премиери, хит-серии, филмски класици и анимирани цртани. Пакетите се од 300 денари месечно до 2380, зависно од колку уреди ќе користите истовремено.

Prime Video: Иако за Amazon Prime Video и не се зборува премногу, ова не значи дека сервисот е полош од другите. Amazon има сериозни инвестиции за серии и содржина во последно време, а цената е 6 евра месечно. За 6 евра ќе добиете куп серии и филмови. American Gods, Star Trek Picard, Good Omens, Fleabag, плус куп други серии и филмови. И за љубителите на Top Gear (сега The Grand Tour ) ова може да е супер пригода да тестирате како може да ја следите вашата омилена „серија“.

NBA League Pass: Секако една од причините поради кои најголем дел од претплатниците одбираат некој програмски пакет е спортот. NBA, Лига на шампиони, NHL, NFL, Англиско првенство, се дел од содржините кои не би биле достапни преку Arena или Sport Klub.

Повеќето од овие лиги, за среќа на фановите, имаат директна стрим понуда со флексибилни пакети.

На пример љубителите на NBA лигата за сите натпревари треба да платат 4400 денари на NBA League Pass. За оваа сума се достапни сите натпревари од регуларниот дел, плејофот и финалето. Сепак 4400 не се малку пари, па затоа за 2900 денари ви се достапни сите натпревари на еден тим во сезона. Додека ако и тоа ви е премногу, за 790 денари претплатниците добиваат избор на 3 натпревари месечно, за регуларниот дел, плејофот и финалето.

Оние пак кои се по фудбалот, веројатно веќе знаат дека со VPN и прокси адреси се прават чуда. 🙂

Секако прилично е веројатно дека некако ја рипнавме вашата омилена платформа. Ако ова е случај пишете ни во коментарите и ќе се обидеме да ја додадеме во листата!

Извор: it.mk

Претходна статијаСе огласи Марјан, сопругот на Елена Велевска и откри за првпат: Таа може да биде опасен како за неа така и за околината
Следна статијаТасевски до властите: Читнете каков бил карантинот во Југославија во 1972 – пиле не смеело да пролета