Бебе родено во 2018 година уште истата година од дивиденда „заработило“ повеќе од еден милион денари, или 16 илјади евра. Највозрасниот жител на државата, кој во 2018 година ја заработил таа сума, имал 99 години. Но за жал, тој немал многу време да ужива во парите, зашто неодамна починал.
Ова се само највпечатливите заработки од листата на лица со најголеми бруто приходи по разни основи за 2018 година, кои во Управата за јавни приходи биле пријавени лани.
Карактеристично и за оваа најнова, таканаречена листа на богаташи е тоа што доминираат скопјани, а ново е тоа што е зголемен бројот на жени со големи заработки. Впрочем, токму жена и тоа од Скопје е на врвот на листата на лица со најголем годишен приход во 2018 година. Таа пријавила бруто приход од над една милијада денари, или 17,1 милиони евра.
Најголем дел од тие приходи на таа жена ѝ се од капитална добивка која во бруто износ изнесувала околу 13,7 милиони евра и била најголема остварена по тој основ во државата во последните 10 години. Освен скопјанката, меѓу лицата со 10 највисоки пријавени приходи се и граѓани на Гевгелија, Струмица и Тетово, со бруто заработки од најмалку 3,7 милиони ера.
Најголемата плата и во 2018 година ја добило лице од здравствениот сектор. Неговата бруто плата на годишно ниво изнесувала околу три милиони евра. Од Управата за јавни приходи, повикувајќи се на обврската за чување даночна тајна не го откриваат идентитетот на ова лице, а само кажуваат дека не е странец. Не откриваат ни дали е истото лице кое во изминатите години беше на врвот на листата на граѓани со највисоки плати.
Инаку, највисоките плати освен во здравството се делени и во трговијата со тутунски производи, во ИТ-секторот, производството на метални производи, аптеки и во градежништвото. Меѓу десетте најдобро платени во државата дури осум се скопјани. Жител на главниот град исто така има остварено највисоко лично примање по друг основ – близу два милиона евра.
Меѓу пензионерите, највисоки примања и тоа од 93,3 илјади евра бруто за една година имал скопјанец. Тој примал пензија од странство. Негов сограѓанин го пријавил најголемиот приход од пензиски надоместок за доброволно пензиско осигурување, кој изнесувал 45,5 илјади евра.
Од УЈП велат дека 2018 година била година на капиталот. Освен скопјанката, кој од капитална добивка го заработила најголемиот приход по тој основ во последната деценија, заработка од 6,6 милиони евра пријавил и нејзин сограѓанин, по основ на дивиденди и други приходи од учество во добивката.
Најсреќен во игрите на среќа во 2018 година бил повторно жител на Скопје, кој освоил 872 илјади евра.
Скопјани, според директорката на УЈП доминираат и на листата на лица со најголеми приходи од самостојно вршење на дејност. Најбројни меѓу нив се адвокати, нотари, извршители и угостители. Најголемата заработка е 750 илјади евра.
Од земјоделците, пак најголем годишен бруто приход од околу 412 илјади евра пријавил гевгеличанец. Обврзник од Тетово пријавил најголем приход од имот и имотни права – вкупно 1,3 милиони евра, а скопјанец со остварени околу 368 илјади евра е со најголем приход од авторски права, односно индустриска сопственост.
Годините се само бројка, велат од УЈП давајќи податоци за пријавените приходи на највозрасните и најмладите даночни обврзници. Така, освен бебето и 99 годишникот со приходи од над милион денари, на списокот на Управата во групата приходи над 10 милиони денари најмладото лице има 21 година, а најстарото 93 години.
-Управата за јавни приходи во текот на минатата година има доставено пополнети годишни даночни пријави до 795.953 граѓани, кои имале вкупни бруто приходи од 309.058.476.787 денари, со 18.460.162.575 денари персонален данок, вели директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Минатата година беше прва кога наместо граѓаните, годишната пријава ја пополнуваше УЈП, а тие само ја коригираа и потврдуваа. Лукаревска вели дека од испратените пополнети пријави автоматски биле потврдени 480.085, самите обврзници дале потврда за 139.961, а коригирани биле само 6.454 годишни пријави.